„Let it beer“ – И омиленото пиво на Гете, „Kostritzer“, на Зимскиот салон во Кинотека

од Aleksandar Petrovski
253 прегледи

Во уникатни вкусови на добро домашно, но и на неколку нови увозни занаетчиски пива, меѓу кои и „Kostritzer“, омиленото на Гете, ќе може да уживаат посетителите на Зимскиот пивски салон што ќе се одржи утре.

Местото на настанот, како и минатата година, е Кинотека, а мотото овојпат гласи: „Let it beer“.

– Со гордост ги најавувам гостите од Шкотска „BrewDog“ со нивното главно пиво од ИПА стил „PUNK IPA“, втората по големина занаетчиска пивара во Србија „Dogma“ со четири пива од нивното огромно пивско портфолио, а на моја голема радост доаѓа и една мала количина пиво од нашиот јужен сосед Грција, пиварата од „Сер Voreia“ со неколку ексклузивни изданија од нивната исто така богата палета на пиво. Од Унгарија доаѓа пиварата која веќе една година е присутна на нашиот пазар со Monyo, чешките пива Malastrana и Lobkowitz, германските пченични пива Benediktiner, Franziskaner и црното германско, омлиеното на Гете, „Kostritzer“. Од најстарата пивара од Италија „Бира Перони“ ќе ја имаме специјалната серија „Grand Reserve“, вели Марјан Костадиновски, сопственик на порталот „сакам пиво.мк“ и организатор на Зимскиот пивски салон.

Како новина го најавува т.н. „Beer as art“ – пивото како инспирација во уметноста.

– Дизајнерката Мелани Димитровска ќе презентира неколку свои дела во кои пивото е користено како алатка за работа и како мотив. Всушност, на мали слики во рамка, со техника акварел, пивото е користено како боја за сликање. Ќе има и маици со пивски апликации рачно цртани и други изненадувања. На видео екран ќе се презентираат куси видеа и слајдови од претходните настани, а со оглед на тоа дека е и крајот на годината редно е и да ја збогатиме оваа понуда со една скромна музичка програма по избор на моите драги пријатели Костадин Шурбановски Шурбе (од Канал 103) и Мелани Дигид (моден дизајнер и ди-џеј), открива Марјан.

Тој додава и дека неколкумина од оние секогаш подготвени и речиси редовни на овие настани, се Трајче Митрески (од групата Културно Уметнички Работници), Петар Талевски, тимот од Бру Брадерс (brew brothers) и Филип Кировски. Тие ќе ги понудат уникатните вкусови на добро домашно пиво.

Според Костадиновски, во пивото можеме да уживаме во секој период од годината, не само преку лето како што се мислеше порано.

– Моментно има неколку етаблирани пивски барови речиси низ целата држава, не само во Скопје. Дел од нив се охрабрија и почнаа сами да увезуваат. Според изборот што го прават, уникатни се и привлечни за едно пријатно вечерно излегување на пиво, вели Костадиновски.

Тој оценува дека напредок во пивската култура кај нас има и покрај тоа што цените на увозните пива се малку високи за нашиот низок стандард, па не можеме да си дозволиме редовно конзумирање.

– Вината тука ја гледам во високите трошоци при увоз на пивото. Спасот е веројатно во нашето конечното влегување во ЕУ. Смешно е кога ќе ме прашаат моите колеги, пријатели од регионот, како се движи цената за одредено пиво и кога ќе им кажам дека е речиси двојно поскапо од кај нив, а минималната плата ни е речиси 200 евра, нагласува Костадиновски.

За него, важен момент на кој не се посветува многу внимание е начинот на презенатација на некое ново пиво на пазарот.

– Секако дека секој гледа да го продаде побрзо и да ги сврти парите, но многу битен момент е и начинот на презентација и едукација на потрошувачот. Конкретно, ако се работи за некој нов стил на пиво кој до сега не бил присутен на пазарот и тоа како е потребно негово објаснување и објаснување за тоа што треба да очекува потрошувачот кога ќе го купи. Сепак, нашиот народ е се уште навикнат на она едноставно пиење: пивото да е светло, бистро и да „лизга“ низ грло, а новиве, модерни пива баш и не се такви. Треба да се посвети повеќе внимание при конзумирањето, да се почувствуваат аромите, вкусовите и останатите карактеристики, истакнува Марјан.

Разговорот го заокруживме со пораката дека пивото поинаку се доживува кога се дегустира, отколку кога се пие во неограничени количини.

Влезницата за Зимскиот пивски салон е 200 денари, а секој посетител ќе добие стаклена чаша со испечатено лого.

Слични содржини