Спасовски остави стабилна безбедносна состојба, намален криминалитет, зголемена доверба кај граѓаните во МВР, од каде ќе продолжи техничкиот Чулев?

од Aleksandar Petrovski
150 прегледи

Стабилна безбедносна состојба, без инциденти и нарушувања од поширок размер, криминалитетот е намален, а довербата на граѓаните во полицијата значително расте, е генералната оценка за изминатата 2019 година согласно прегледот на резултатите од анализите направени од страна на МВР.  Со овие резултати екс министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, замина од МВР на местото премиер на техничката Влада.

Новиот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев, кој доаѓа од Агенцијата за разузнавање, за помалку од 100 дена до предвремените парламентарни избори треба да ја скенира состојбата во секторот, да продолжи каде што застана Спасовски со реформите или доколку има, да се фокусира на корупцијата, судирот на интереси, непотизмот во МВР. Паралелно, во рамки на Пржинската Влада се очекува да ја стави полицијата во интерес на демократските постапки за време на изборниот процес.

 

Сепак, кусо време по назначувањето, извесно е дека Чулев ќе има тешка задача да ги усогласи ставовите и чекорите кои треба да се преземат во ресорот со дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, што стана отворено јасно по интевјуто на техничкиот министер за внатрешни работи дадено за Алфа ТВ.

Чулев најави ревизија на сите нови решенија што Спасовски ги додели пред изборот на новата техничка влада. Законски министерот Чулев може да направи 15 нови назначувања на челни позиции на сектори, оддели и единици. Според законот за техничка влада, сега актуелните началници ќе станат заменски на новоназначените, а потписите  ќе им бидат врзани, односно одлуки нема да можат да носат без заемна согласност.

Се очекува до крајот на неделава да биде донесен новиот акт на систематизација, а техничкиот министер во МВР, како што објавија дел од медиумите, подготвува нови началници во секторите за внатрешни работи на Скопје, Велес, Битола, Струмица, Штип и Охрид. Нов началник Чулев ќе назначи и на Одделот за организиран криминал, Внатрешната контрола, на Одделот за специјални полициски операции, како и на Единицата за интервентна полиција и Единицата за специјални задачи „Тигар“.

Во интервју за Алфа ТВ тој изјави дека дел од раководниот менаџмент на МВР, ангажиран во криминалистичката полиција е директно во спрега со криминалните структури и оти постои, како што рече, тарифа за држење кривични пријави во фиока, за уништување на средствата за извршување на кривично дело или за квалификување на потешки во полесни кривични дела.

– Дополнитено, постојат информации дека дел од овие раководни структури, назначени од министерот Оливер Спасовски, се директно инволвирани и самите во криминални активности на начин што се наоѓаат на платен список на криминалните структури со фиксен месечен надоместок, со цел да издаваат информации за оперативно – технички ПИ-мерки кон припадниците на криминалните структури и дополнително да издаваат информации кога министерот за внатрешни работи планира конкретни оперативни активности за нивно апсење или приведување, вели Чулев.

Техничкиот министер најавува и дека веднаш ќе побара од Одделението за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР да ги процесуираат сите оние дојави или информации за инволвираност на припадници на МВР во криминални активности и дека тие ќе бидат отстранети од Министерството поради тоа што се недостојни за вршење на полициската служба и нанесуваат огромна штета на честа и угледот на оние припадници кои професионално и чесно ја извршуваат својата работа.

Во однос на претстојните избори, Чулев со порака до криминалните структури кои, вели, се надоврзани на одредени политички елити, да не се дрзнат да извршат нарушување на избирачкиот процес.

На тоа, дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска веднаш на својот фејсбук профил објави дека се целосна невистина тврдењата на новиот технички министер Чулев изнесени во интервју за ТВ Алфа за незаконски решенија и наводна поврзаност со криминалните структури.

Според неа, сите акти кои се потпишани се во согласност со законот и прописите во МВР.

– Иако ДПМНЕ најави нов лик, сепак никако да ги заборават старите навики. И понатаму продолжуваат со намерното ширење лаги дека во МВР не постои компаративна статистика за состојбата со криминалитетот во периодот додека на чело на МВР беше Оливер Спасовски. Напротив, вистината е не само дека постои анализа туку таа покажува извонредни резултати споредено со периодите претходно кога министерството беше управувано од ДПМНЕ. Намален е криминалитетот, разбојништвата, убиствата, жртвите од сообраќајни незгоди и тн. Овие резултати беа презентирани минатата недела на брифинг со новинарите на кој беа присутни над 30 претставници на медиумите, пишува на нејзиниот Фејсбук профил.

Претходно, презентирајќи ги резултатите од истражувањето реализирано од агенцијата „Рејтинг“ за потребите на ОБСЕ, Никола Спасов, директор на агенцијата, меѓу другото се осврна на прашањето до анкетираните граѓани за тоа што е приоритетно за подобрување на полициските услуги, при што истакна дека 21 процент сметаат дека е потребно уште поголемо присуство на терен и еднаков однос на полицијата кон сите граѓани. Истражувањето беше спроведено од 13 до 30 септември лани со 2.600 испитаници „лице во лице“ во домот на испитаникот, како и со 511 полицајци по случаен избор, што се спроведува на две години, а според него осум од 10 испитаници се чувствуваат безбедно во соседството.

Џеф Голдстајн, заменик шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје потенцира дека интензивно соработуваат и го поддржуваат МВР да гради современа, демократска и професионална полициска служба, која може да одговори на безбедносните закани и кон потребите на граѓаните.

– Сите знаеме дека довербата на граѓаните во институциите во државава не е на високо ниво и тоа не е без одредени причини. Во мисијата на ОБСЕ во Скопје ние се обидуваме да ги поддржуваме напорите на Владата во насока на реформирање на јавните институции за да работат поефикасно и да доставуваат подобри услуги за граѓаните, истакна Голдстајн.

МВР посветено и во расветлување на убиствата

МВР било и максимално посветено и ангажирано во расветлување на убиствата, делата извршени со насилство или од страна на криминални групи, во што евидентно се постигнати одлични резултати по сите параметри.

– Намалување на делата од класичен криминал, на тешките кражби и разбојништвата, особено значајни резултати во борбата против недозволената трговија со дрога, зголемен број откриени кримучарени мигранти, намален број на сообраќајни незгоди со потешки последици и намален број на жртви, рече во новогодишниот брифинг со новинарите Сузана Прањиќ Талевска, началник на Одделение за информации од јавен карактер Сектор за односи со јавност и стратешки прашања.

Ако при анализа на состојбите, податоците се споредат со временскиот период од 10 години наназад, вели таа, регистрирано е намалување на вкупниот број на извршените кривични дела од класичен криминал, намалени се извршените кривични дела „убиство“, „тешки кражби“ и „разбојништва“.

– Карактеристика е и најмалиот број убиства кои останаа нерасветлени, потоа преземените мерки на кривичен прогон за делата од имотниот криминал, како и расветлените кривични дела „тешки кражби“ од граѓански сефови во две банки во Скопје, извршени од меѓународна организирана криминална група, составена од седум странски државјани, кои со направениот криминал се стекнале со противправна имотна корист во износ од околу 105 милиони денари, потенцира за МИА Прањиќ Талевска.

Значајно е да се истакне дека во периодот од јуни 2017 до ноември 2019 година видно се намалени извршените кривични дела „убиство“, односно регистрирани се вкупно 47 кривични дела, и останаа најмал број нерасветлени убиства – вкупно 6, по преземените мерки за откривање на сторителите.

За илустрација, статистичките податоци за другите споредбени периоди покажуваат:

2006-2008: 123 кривични дела – нерасветлени 10

2009-2011: 105 кривични дела – нерасветлени 10

2012-2014: 74 кривични дела – нерасветлени 11

Покарактеристични кривични дела „убиство“ за посочениот период:

НККР Дебар поднесе кривична пријава против Б.П(28) од Дебар, ќерка на убиените А.П. и Н.П., за сторено кривично дело „убиство“, и против Ф.Г(31) од Гостивар и В.К(61) од Дебар за сторено кривично дело „помагање” во врска со „убиство“. Имено, на 26.08.2018 година во 20.45 часот во ПС Дебар било пријавено дека во Дебар на улица „1 Мај“, непознат сторител со огнено оружје ги усмртил А.П. (55), неговата сопруга Н.П. (53) и нивната ќерка А. П. (14).

Единица за насилен криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.П. (25) од Скопје, поради основи на сомневање дека извршил кривично дело „убиство“ казниво по член 123 од КЗ на РМ. Имено, на 28.12.2018 во 21.38 часот било пријавено дека на ул.„Шарпланинска“ во населба Даме Груев во Скопје, има лице кое лежи без знаци на живот и до него возило „пасат“, со скопски регистарски таблички, за кое подоцна е утврдено дека е сопственост на Д. Н.(65). Полициски службеници и јавен обвинител излегле на местото на настанот и преземени се соодветни мерки и активности, по што е утврдено дека убиениот е Д.Н. (38) од Скопје, а делото е извршено со огнено оружје.

НККР Кичево поднесе кривична пријава против Х. Ј. (46) од село Ќафа, гостиварско, за сторено кривично дело „убиство“. На 29.12.2018 година околу 17.00 часот во Кичево на ул.„Борис Кидрич“, пријавениот, физички го нападнал М.С., при што со остар предмет му нанел убодни рани во пределот на градниот кош, од кои истиот починал на лице место.

Засилена борба против организираните криминални групи, спречен еден од најголемите канали за шверц на кокаин од Шпанија

Во областа на организираниот криминал, за 2,5 години сузбиени се 41 организирана криминална група, во кои дејствувале 320 членови.

Кај организираните криминални групи доминираат групите инволвирани во недозволена трговија со дрога, а особено сузбиените групи со кои е спречено производство на синтетичка дрога и реализирана е заплена од над милион таблети, како и криминалната група со чие сузбивање е спречен транспорт на 513,7 килограми марихуана.

Во однос на борбата против недозволената трговија со дрога, спречени се 20 меѓународни транспорти на дрога, сузбиени 16 организирани криминални групи, откриени се седум импровизирани лаборатории и елиминирани бројни улични дилери. Како 21. е случајот во кој вкупно пет лица, од кои тројца во Шпанија и две во нашата држава, беа уапсени, а по други две, еден турски и еден грчки државјанин се трага, како членови и инволвирани во меѓунардона криминална група која незаконски набавувала и продавала кокаин. Во случајов се работи за 700 килограми кокаин набавен од Колумбија, кој преку Шпанија бил наменет за западноевропските земји, а чија продажна вредност на големо може да достигне цена од 20 милиони евра.

На 18 декември Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во рамки на меѓународна полициска операција заедно со полициските служби на Шпанија и Колумбија, а во координација на американската агенција за борба против дрога ДЕА, спроведе полициска операција за лишување од слобода на лица – членови на меѓународна организирана криминална група.

Лидер на оваа група, бил првопријавениот В.Б. кој заради впишана забрана за патување во земјите од ЕУ, го ангажирал неговиот брат В.Б., резидент на Белгија, со кого остварувал редовни контакти и средби во Скопје и во период јули-декември ги договарале чекорите за пренесување и дистрибуција на кокаинот.

Значајно зголемување бележат и запленетите количини марихуана, а во 2018 година заплената на наркотична дрога е најголема во последните 10 години.

Во областа на недозволената трговија со оружје остварени се позитивни резултати кои резултираа со заплена на оружје, муниција и над 134 илјади парчиња петарди.

За справување со предизвиците поврзани со миграцијата се преземени низа мерки и активности за сузбивање на прекуграничниот криминал и за ефикасна контрола на граничните премини. Притоа, мора да се напомене дека нашата држава добива знчајна европска поддршка, како резултат на Договорот за статус меѓу Владата на Р.С.М. и Фронтекс – Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража.

Во наведениот период МВР продолжи со организација и координација на севкупните активности поврзани со реализацијата на меѓународната заедничката операција за засилен надзор на јужната граница на Р.СМ, со ангажирање на полициски службеници од осум европски и балкански земји, кои заедно со припадници на граничната полиција, во заеднички мешани патроли вршеа засилен надзор на јужниот дел од државната граница.

– Откриени се осум криминални групи во кои дејствувале 81 лице, а за одбележување е групата која е дел од поширока меѓународна криминална мрежа, составена од криминални соработници од седум држави на Балканот, Европа и Јужна Америка, кои од криминалните активности оствариле профит од околу милион долари, потенцира Прањиќ Талевска.

„Алфите“ во новата Единица за интервентна полиција

Во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ и официјално се промовираеше новата организациона единица при СВР Скопје – Единицата за интервентна полиција. Единицата настанува со спојување на досегашните единици – за јавен ред и мир, за асистенции и спровод и на „алфите“.

Структуирана е врз основа на проценетите потреби на СВР Скопје, но и врз основа на практиките на истородните полициски единици во земјите од ЕУ, Единицата, односно нејзините припадници ќе бидат фокусирани на остварување на работни задачи во посеопфатно и потемелно одржување на јавниот ред и мир, пред сѐ во делот на ефикасно спротивставување на сите облици на уличен криминал, особено кога е во прашање лоцирањето, справувањето и лишувањето од слобода на опасни, вооружени лица.

 

Единицата за интервентна полиција ќе биде поддршка и на другите организациони единици во рамки на СВР Скопје, а еден од приоритетите во нејзиното функционирање ќе биде континуираната обука и едукација на нејзините припадници, во насока на воспоставување на сите потребни професионални стандарди, вештини и знаења,  со што се очекува евидентно подобрување на севкупните резултати. Нејзините припадници, покрај професионалниот пристап, ќе се препознаваат и по новите специјални униформи.

Безбедност на сообраќајот на патиштата

Податоците во делот на безбедноста на сообраќајот на патиштата покажуваат дека по преземените превентивни мерки и активности на службите безбедноста во сообраќајот да биде на задоволително ниво.

Просекот на бројот на сообраќајни незгоди со потешки последици и бројот на жртви во сообраќајот е значително намален во споредба со претходниот 10-годишен период.

Како резултат на зајакнатите контроли регистрирани се над 250 илјади превентивно – репресивни мерки против прекршителите на сообраќајните правила и прописи.

Сообраќајната полиција, во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, спроведуваат кампањи од превентивно-воспитен и едукативен карактер во поглед на подигање на сообраќајната дисциплина, свеста и културата на сите учесници во сообраќајот во насока на остварување на крајната цел, а тоа е – сообраќај без жртви.

Одржување јавен ред и мир

Полицијата успешно се справуваше со состојбите во областа на јавниот ред и мир, додека преземените превентивно-репресивни мерки беа целосно насочени кон заштита на сигурноста и безбедноста на сите граѓани.

Извршено е успешно обезбедување на повеќе јавни настани и манифестации, а во оваа прилика би ги споменале: Супер Купот во август 2017, спроведување на локалните избори во октомври 2017, референдумот на 30.09.2018, претседателските избори и предвремените избори за Градоначалник на општините Охрид, Дебар и Ново Село, кои се спроведоа во април 2019, но и  обезбедување на посетата на Папата во Северна Македонија на 7 мај 2019.

Превентивните активности и кампањи што полицијата ги спроведува низ градинките и училиштата даваат резултат во намалувањето на насилствата меѓу учениците, додека определувањето на полициски службеници за контакт со навивачки групи и одржувањето на средби пред секој натпревар со претставници на екипите влијае на намалување и на нарушувањата на јавниот ред и мир на спортски натпревари.

Слични содржини