MЗ: Дополнително зголемување на платите од пет отсто од јуни ќе добијат и здравствените соработници

од Aleksandar Petrovski
142 прегледи

Дополнително зголемување на платите од пет отсто ќе добијат и здравствените соработници во јавното здравство. Зголемувањето на платите на здравствените соработници ќе почне од јуни, соопшти попладнево Министерството за здравство.

Јавното здравство во текот на 2019, и со тоа што ќе следи во тековнава година, посочуваат од Министерството, добива рекордно зголемување на платите во сите сектори.

Од Министерството наведуваат дека здравствените кадри првпат во постоењето на државата добиваат толку зголемувања на платите и бенефиции и се инвестира во подобрување на нивниот статус.

Вложувањето во здравствените кадри, како што се потенцира, е со цел да се мотивираат и јавното здравство да има квалификуван и професионален медицински кадар што е еден од основните услови за квалитетно здравство.

Зголемувањето на платите е само една од промените што се направени во изминатиот период. На целосното вложување во човечкиот капитал се поврзуваат и најновите измени и дополнувања во Колективниот договор за здравствена дејност. Со овие измени се направи значително зголемување на коефициентот на сложеност, а се зголеми и додатокот на плата за дежурства. Основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40 отсто, на медицинските сестри до 23 отсто, на општите лекари 25 отсто и 15 отсто на останатите здравствени соработници, заклучно со февруари 2020 година, истакнуваат од Министерството.

Информираат дека со цел подобрување на здравствените услуги и зајакнување на капацитетите на јавното здравство во изминатите две години дадени се повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавното здравство.

Покрај зголемувањето на платите, капацитетите на јавното здравство се зголемуваа и со подобрување на условите за работа во секоја јавнa здравствена установа. Министерството за здравство и годинава продолжува да инвестира во човечкиот капитал и целосно во здравството, затоа што само со професионалност и квалитетна работа, пациентите ќе добиваат врвна здравствена нега, додаваат од Министерството за здравство.

Слични содржини