Министерство за правда: Усвојувањето на Законот за Јавното обвинителство е поддршка за евроинтеграциските процеси

од Aleksandar Petrovski
218 прегледи

Министерството за правда во текот на минатата година, обидувајќи се да обезбеди двотретинско мнозинство испрати три предлози на Закон за Јавно обвинителство.

Суштината на сите три предлози беше имплементација на меѓународни стандарди за ефикасна борба против криминал и корупција и создавање правни основи за продолжување на сите започнати постапки пред Јавното обвинителство, вклучувајќи ги и постапките пред СЈО.

Последната, трета верзија беше пуштена во декември минатата година и таа верзија ќе биде тема на разговор со опозицијата.

Во собраниска процедура се уште е втората верзија на законот на која опозицијата поднесе амандмани и таа ќе биде повлечена кога ќе бидат обезбедени осумдесет гласови за усвојување на нов текст на Закон за Јавното обвинителство.

Во третата верзија е акцептирана новонастанатата ситуација со трансферот на предметите на СЈО и се обезбедува континуитет на обвинителите и сите започнати постапки.

Според предлогот, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе ги преземе надлежностите на СЈО, а обвинителите на СЈО коишто ги застапувале предметите ќе продолжат да ги водат.

Во рок од 30 дена од гласањето на законот, ќе се проши бројот на обвинители во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и ќе биде распишан оглас на кој ќе може да конкурираат сите обвинители кои ги исполнуваат условите.

Материјалите од незаконското прислушување кои не се предадени како докази во судовите, ќе се чуваат во Јавното обвинителство на Република Македонија. По истекот на три години од правосилното завршување на постапките, материјалите ќе бидат уништени во согласност со закон.

Очекуваме опозицијата да ги земе предвид интересите на граѓаните, а не нечиви лични интереси, се вели во соопштението на Министерството за правда.

Слични содржини