Царовска: Имаме зголемување на платите кај повеќе од 106 илјади работници за декември

од Aleksandar Petrovski
210 прегледи

За декемвриската плата имаме зголемување кај повеќе од 106 илјади работници во нашата држава, со што е остварен таргетот помеѓу 20 и 25 проценти од вработените во реалниот сектор да добијат зголемување на плати од 600 до 6.000 денари врз основа на мерката за субвенционирање на придонеси за раст на плати.

Ова го изјави вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, која заедно со директорката на УЈП Сања Лукаревска денеска ги посети просториите на компанијата „Даути комерц“ во Сарај, која е корисник на мерката за субвенционирање на раст на платите.

– Го остваривме таргетот којшто го поставивме за само два месеци. Очекувам оваа мерка и понатаму да ги остварува очекувањата и во текот на целата година овие работници ги земаат повисоките средства. Месечната сума на издвоени средства од Буџетот за оваа мерка, што директно се трансферираат во фондовите за здравствено и пензиско е 200 милиони. За декемвриската плата се исплатени нешто повеќе од 150 милиони, што значи дека сè уште имаме можност за вклучување на  работници во буџетските рамки, изјави Царовска.

Очекувањата, подвлече таа, се остварени и очекуваме во статистичките извештаи да се покаже дека растот на плати има убава, забрзана тенденција, со што директно влијаеме на подобрување на квалитетот на живеење и животниот стандард на нашите граѓани.

Директорката на УЈП Сања Лукаревска рече дека даночниот обврзник „Даути комерц“ е евидентен пример за успешноста на мерката субвенционирање на придонеси.

– Зборувавме и за оние даночни олеснувања, ослободувања кои што ги испромовира Владата, и дали ги имаат искористено. Можам да кажам за првпат во овој даночен обврзник информираме дека од 1 мај УЈП ќе направи еден интегриран систем, каде што МПИН образец ќе се поврзе со Е-пдд системот и врз основа на тоа сите приходи односно исплати коишто доаѓаат од Данокот на личен доход ќе бидат во еден систем. Мислам дека функционираме единствено да ги направиме сите процеси во УЈП да бидат едноставни, брзи и лесни, изјави Лукаревска.

Директорот на „Даути комерц“ Хамим Даути, ја поздрави мерката за субвенционирање на платите, посочувајќи дека 71 процент од вкупно 340 вработени биле опфатени со мерката.

– Тоа беше еден добар мотив да се подигнат платите и да бидат сите задоволни. Зголемени се платите за 12 проценти. Просечната плата во „Даути комерц“ денеска е над 25 илјади денари, изјави Даути.

Слични содржини