Иницијативата Движење за чист воздух денеска одржува протест пред цементарницата УСЈЕ затоа што што според нив, треба заеднички да се покаже револтот поради загадувањето.
-Бидејќи автоматски мониторинг не се прави, туку се користи како манипулација, ние од иницијативата Движење за чист воздух се решивме на отпор против најголемите загадувачи, трујачи на животната околина, информира Движењето за чист воздух.
Со протестот, како што потенцираат, покажуваат само собир на истомисленици, а со блокада на цементарницата се покажува отпор кон политиката на молк и бизнис на штета на нашето здравје.
Од цементарница УСЈЕ, пак, велат дека тие не се причинител на состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје
Според нив, нема потреба од блокада на Цементарница УСЈЕ, затоа што сите релевантни мерења на емисиите докажуваат дека УСЈЕ не е причинител на зголеменото загадување на воздухот во нашиот град.
-Неспорен аргумент е дека УСЈЕ ги имплементира сите домашни и европски регулативи од областа на заштитата на животната средина во индустријата. УСЈЕ ништо не крие и постојано е отворена за сите заинтересирани граѓани, активисти и невладини организации, затоа што веруваме во отворена, аргументирана и одговорна дебата, додаваат од УСЈЕ.
Тие апелираат да не се шират непроверени информации и шпекулации за оваа важна тема, затоа што тие, покрај врз компанијата, нанесуваат штети и во напорите за лоцирање на вистинските проблеми со амбиенталниот воздух во нашиот град и врз преземањето ефективни мерки за почист воздух, а единствено имаат популистички ефект.
-УСЈЕ континуирано и без исклучок ги спроведува сите постапки пропишани со домашната регулатива и паралелно ги следи оние кои важат за земјите на Европската Унија. Сите мерења на емисиите докажуваат дека Цементарница УСЈЕ не е причинител на зголеменото загадување на воздухот во нашиот град. Континуираните 24-часовни независни мерења, врз кои немаме можност да влијаеме, покажуваат дека емисиите на Цементарница се постојано под, а во делови и неколкукратно пониски од законски дозволените вредности, се наведува во нивното соопштение.
Фото: Борче Поповски