Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски побара претседателот на Собранието, Талат Џафери да одговори за доцнењето од 5 часа на седницата, обвинувајќи дека го крши деловникот.
„Треба да го вратите овој материјал, нема одлука на седница на Влада за повлекување и за доставување на нов материјал. Тоа е неделовнички, согласно Деловникот треба да ги вратите и потоа Владата согласно седница да ги испрати од почеток. Вака учествувате во кршење на Деловникот, треба да ги вратите материјалите и да се почитува постапката“, му рече Мицевски на претсдателот на Собранието, Талат Џафери.
Џафери пак, му возврати дека негова надлежност е свикување на седницата, а времето за одржување, одлагање, продолжување или прекинување на седницата не негова надлежност и тие не работат на одлуки на Владата.
„Дописот и материјалот соодветно се доставени од Владата со сите елементи кои ги има Предлог-закон. Како претседател на Собранието можам да ги гледам само од тој аспект. Јас можам да одговарам само за процедурата во Собранието“, рече Џафери.
Тој му се обрати на пратеникот Илија Димовски кој реагираше, велејќи му „Илија пак реагираш, после се лутиш. Јас не копам овде нива, водам седница. Што имавте да кажете, кажавте на конференција за штампа“.