Европското фудбалско првенство ова лето ќе биде историско со самото тоа што ќе се игра во 12 земји ширум континентот. Турнирот ќе претставува сериозен предизвик за медиумите и за навивачите, но и за УЕФА, како организатор, која прими 28,3 милиони барања за влезници.
Едномесечното ЕП ќе почне на 12 јуни и ќе трае до 12 јули за кога е планирано финалето на „Вембли“ во Лондон. Само за тоа, според соопштението на континенталната Куќа на фудбалот, се добиени 714.000 барања за билети, што осумкратно го надминува капацитетот на стадионот.
Втор најбаран меч е Германија – Франција од групната фаза што ќе се одигра во Минхен. За тој меч се поднесени 710.000 барања за влезници.
Градови домаќини на претстојното ЕП ќе бидат: Лондон, Глазгов, Даблин, Билбао, Рим, Минхен, Баку, Будимпешта, Санкт Петербург, Копенхаген, Букурешт и Амстердам.