По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот Кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против косовски државјанин кој се товари дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.1 од Кривичниот законик.
-Обвинетиот, на 31 јануари, во просториите на Казнено-поправната установа “Идризово” во Скопје, при редовна посета на осудено лице, неовластено пуштил во промет наркотична дрога – кокаин со нето маса од 89,96 грама. При влезот во установата, обвинетиот на затворскиот полициски службеник му предал пакет наменет за осуденото лице, во кој имало и една јакна. По извршениот претрес на пакетот, во внатрешниот џеб од јакната, во најлонско пакување обвиткано со селотејп, била пронајдена наркотичната дрога – кокаин, информираат од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител до Судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице, со оглед на тоа што и натаму постои опасност од бегство и можност тој да го повтори делото што му се става на товар.