Во текот на целата ноќ и утринава, комуналните служби на Општина Карпош и јавните градски претпријатија работат на отстранување на последиците од вчерашното невреме, поточно силниот ветер којшто достигна јачина и до 110 km/h.
Фото: Борче Поповски
Се расчистуваат паднатите дрвја кои имаат блокирано улици, пешачки делови, како и влезови пред основни училишта и градинки.
Со цел да се санира штетата, вработените во урбаните заедници ги мапираа критичните точки, направените штети и континуирано испраќаат информации до општинските сектори и градските претпријатија.
Ги повикуваме заедниците на сопственици кои се соочија со поголеми штети (уништување на покриви или дел од покривните површини, фасади и сл.), да достават соодветно барање до Општината заради ублажување на последиците од штетите. Локалната самоуправа ќе обезбеди поддршка во рамките на своите можности и законски надлежности.Општината е во постојан контакт со Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). За утре, во попладневните часови, повторно се предвидува посилен ветер.Апелираме до сите граѓани, да бидат на безбедно, да водат сметка за околината и своите возила да не ги паркираат под повисоки дрвја, велат од општина Карпош.