Министерот за животна средина, Насер Нуредини, вчера во Брисел оствари низа средби поврзани со неговиот ресор, меѓу нив и со еврокомесарот за животна средина Виргинијус Синкевичиус и заменик генералната директорка за климатски прашања во ЕУ, Клара де ла Торе.
Во изјава за МИА, Нуредини потврди дека се отворило прашањето за имплементацијата на Зелениот пакт во Северна Македонија и западниот Балкан.
Зелениот пакт е главниот приоритет на Европската Комисија за време на овој мандат и ќе биде составен дел од секоја политика, вклучително и проширувањето.
Западниот Балкан, иако е еден од најзагадените региони на европскиот континент, не е дел од Зелениот пакт на ЕУ, но властите очекуваат прашањето да стане дел од разговорите во наредните месеци.
– Го отворивме прашањето за имплементацијата на Зелениот пакт во Северна Македонија, меѓутоа ЕУ сѐ уште работи на Зелениот пакт за Западниот Балкан и не можеше да ни даде индикации за специфични барања што ќе ги има за регионот. Во меѓувреме, Министерството работи на транспозиција и имплементацијата на европското законодавство од областа на животна средина и климата, изјави Нуредини за МИА.
Од соговорниците во Брисел, Нуредини добил поддршка за националната програма и за мерките што ги планира Владата.
Една од најавите во медиумите неодамна беше дека Северна Македонија ќе биде првата земја во регионот што ќе ја започне енергетската транзиција за напуштање на јагленот, но Нуредини не беше во можност за сега да дава повеќе детали, бидејќи прашањето ќе биде покренато идната недела на интеринституционална средба и тогаш ќе бидат соопштени повеќе детали за јавноста.
Министерот за животна средина остварил средба и со Геновева Руиз Калавера, директор за Западен Балкан во Директоратот за проширување. На средбата се разговарало за новиот пристап на ЕУ во поглед на политиката на проширување, како и начините на остварување и програмирање на европската поддршка и финансирање.