Доаѓањето на нов бран мигранти во Грција доведе до протести на жителите на островот Лезбос. Тие не сакаат нови бегалци. Ситуацијата таму е веќе напната поради бегалскиот камп Морија, пренесува „Дојче веле“.

Тие ги блокираат улиците што водат кон бегалскиот камп Морија. Жителите на Лезбос не сакаат повеќе мигранти на нивниот остров, во веќе преполниот камп во кој владеат катастрофални услови.
Сепак, има многу новодојденци кои во неделата успеаја да допловат со брод од Турција. Грчките медиуми објавија дека станува збор за 300 лица. Тие треба да бидат пренесени со автобус во кампот Морија. Но засега улицата е блокирана.
Во моментов има околу 25.000 бегалци на островот кои живеат во преполниот, нехигиенски шаторски хаос во бегалскиот камп Морија. Наскоро би можеле да бидат многу повеќе. Тоа што турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган им ги отвори граници кон Грција на сириските бегалци е лоша вест за жителите на островите Лезбос, Хиос и Самос. Ситуацијата веќе ескалира на копнената граница меѓу Турција и Грција. Грчката полиција досега спречи повеќе од 10.000 мигранти да ја преминат границата, соопшти атинското Министерство за миграција.
Порака до Атина и Брисел: Чашата се прелеа!
Соочени со се поголемиот број мигранти, жителите на Лезбос, Хиос и Самос оддамна се чувствуваат оставени на цедило и од атинската влада и од Европската унија, кои и понатаму се потпираат на бегалскиот договор со Турција. На луѓето не им е сватливо зошто тие сè уште веруваат во успехот на тој договор.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис сака со две мерки да ја стави ситуацијата под контрола: построг закон за азил за да можат што повеќе луѓе да се вратат назад во Турција, и изградба на центри за бегалци од затворен тип на островите. Ескалацијата на грчко-турската граница, пак, покажува дека Анкара е јасно сериозна и сака да се откаже од спроведувањето на бегалскиот договор. Кај жителите на островите постои силен отпот против центрите од затворен тип.
Глад и насилство во бегалските кампови
Но грчката влада цврсто се држи до своите планови за изградба на центри од затворен тип и ги испраќа специјалните полициски сили како одговор на протестите. На Самос веќе започнаа работните ангажмани за изградба на центарот. На Лезбос, многу жители сакаат да го спречат тоа по секоја цена.
Напнатоста расте и во бегалските кампови и постојано доаѓа до конфликти. Барателите на азил честопати, наместо предвидените шест месеци, со години чекаат на окончување на постапката за добивање азил.
Салам Алден, основач на данската невладина организација Team Humanity, вели дека дури и оние што успеваат да стигнат до грчкото крајбрежје не се сигурни.
„Нема да има доволно храна. Ситуацијата во кампот ќе ескалира, ќе дојде до конфронтација со полицијата и луѓето на островот неизбежно ќе го загубат трпението. Ситуацијата е повеќе од критична “, вели Алден.
ЕУ во трка со времето
Сотирис Сербос, професор по меѓународни односи на Универзитетот „Демокрит“ во градот Комотина, има верба во Европската унија. Унијата сега, како што истакнува тој, конечно мора да развие одржлива стратегија, особено во односите со Турција.
„ЕУ е во трка со времето. Краткорочен пристап кон проблемите, вечното чекање работите да се решат некако. На тоа сега треба да се стави крај “, наведува Сербос.