Ливерпул елиминиран од Лигата на шампионите

од Vladimir Zorba
289 прегледи

Ливерпул е детрониран, откако Атлетико Мадрид го исфрли во 1/8-финалето во Лигата на шампионите по продолженија. Првата средба во Мадрид заврши со победа на домашен терен од 1:0. Имаше вистинска драма на „Енфилд“ во која „црвените“ беа надитрени од „коравите“ Шпанци.

Британците го преземаа водството во 42-та минута со гол од Вајналдум, но до крајот на регуларното време Ливерпул направи десетина неверојатни промашувања и стигна до дополнителното време.

Во нив, Фирмино (94) ја затресе мрежата за 2:0, но следуваа два шока за домаќините. Прво, Адријан направи серија неверојатни киксови и дозволи Љоренте (97) да му постигне лесен гол, а малку подоцна, повторно, Љоренте (105) го совлада Адријан за 2:2. На крајот од мечот Мората (120+1) донесе и гостинска победа – 2:3.

Така, Ливерпул е аут, додека Атлетико Мадрид се пласираше во 1/4-финалето во Лигата на шампионите.

ПСЖ исто така оди во следната фаза, откако ја победи Борусија Дортмунд со 2:0 во реваншот. Така, „принцевите“ продолжуваат напред со вкупен резултат 3:2 од двата меча.

Момците на Томас Тухел одиграа многу добро првото полувреме на празниот „Парк де Пренс“, отворајќи го резултатот преку Нејмар во 28-та минута.

Непосредно пред паузата, Хуан Бернат влезе во улога на стрелец, доведувајќи го својот тим на чекор од пласман во следната фаза. За краток временски период Германците беа во подем, но не стигнаа до чиста гол шанса.

Борусија Дортмунд беше многу поактивна во текот на второто полувреме, додека ПСЖ невообичаено пасивен. Сепак, немаше острина во играта на „жолто-црните“ и тие беа елиминирани од турнирот заслужено, со тоа што новата ѕвезда на тимот, Ерлинг Холанд го одигра својот најслаб натпревар со дресот на Борусија.

Слични содржини