Митови, лаги и теории на заговор за коронавирусот се шират уште побрзо од самиот вирус. Исламските свештеници во Тунис и Египет велат, на пример, дека епидемијата е Божја казна, наметната на Кина за прогонството на Ујгурите. Во Ирак, еден политички аналитичар изјави дека коронавирусот е всушност американско-еврејски заговор за радикално намалување на светската популација. Коментарот за кој станува збор, се однесува на книга на Дин Кунц, кој веќе го предвидел вирусот во 1981 година, пишува ДВ.

Во својот роман „Очи на темнината“, објавен под псевдонимот Ли Николс, Кунц навистина фантазира за смртоносен вирус наречен „Вухан-400“. Но, освен што се совпаѓа со името на кинескиот град Вухан, каде започна епидемијата, литературното сиже е далеку од сегашната реалност. Бидејќи во романот, вирусот ги убива сите заразени и многу брзо, додека во реалноста, смртноста кај страдалниците од „КОВИД-19“ е само 1 до 2 проценти. Ирачкиот аналитичар во директен текст наведува дека одговорноста за епидемијата е на „ционистичкото лоби“, поточно еврејското семејство Ротшилд.
Луѓето во сенка кои владееле со светот
Ова е една од најпопуларните теории на заговор дека постојат некои моќни фактори во сенка во светот кои управуваат со целата политика и се подготвени да користат дури и биолошко оружје како коронавирусот за да ги постигнат своите цели.
Во Русија и Иран се шират гласини дека епидемијата е, всушност, американски напад со биолошко оружје. Во самите САД пак, анти-ваксерите и другите поддржувачи на теориите на заговор ги обвинуваат Бил Гејтс и демократите.
Особено на социјалните мрежи, луѓето масовно им веруваат на тврдења и совети „од прва рака“ и на вести од типот „рекла казала“. Многу корисници имаат тенденција да веруваат дека владата, властите или некакви невидливи сили лажат обични луѓе, ја кријат „вистината“ и ги манипулираат поради политички или економски цели. Поради оваа причина, „автентичните информации“ што доаѓаат од корисниците и се отстрануваат од новинарскиот меинстрим или од официјалните извештаи, уживаат голема – и многу опасна – популарност.
Покрај гласините и лагите, лажните ветувања за брзо справување со болеста КОВИД-19 се исто така раширени. Лично, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека наскоро ќе има вакцина за вирусот – изјава едногласно негирана и од Светската здравствена организација (СЗО) и од мнозинството сериозни експерти. Всушност, никој не може да предвиди кога вакцината ќе биде достапна во моментов. СЗО затоа ги повикува политичарите да бидат свесни за својата одговорност. Сумија Сваминатан од СЗО ја нагласува важноста на „правење изјави за политики засновани врз научни сознанија.“ Преку лажните вести и „алтернативните факти“ може да се прави политика и да се влијае врз јавното мислење, но не да се спречи ширењето на вирусот.
Шарлатаните профитираат од стравот од вирусот
Би-Би-Си известува за нигериски свештеник кој ја „лечи“ болеста со некоја специјална супа, а социјалните медиуми често препорачуваат „терапија со лук“ за КОВИД-19. Меѓутоа, во Индија, активист од редот на хинду-националистите препорачува третман со кравји урина и фекалии. Рецептите со коронавирус вклучуваат консумација и на кокаин или третман со детска урина.
СЗО постојано предупредува да не им се верува на вакви шарлатани, кои даваат неоправдани надежи, водени од религиозен фанатизам, политички мотиви или чисто финансиски интереси. Бидејќи од стравот од вирусот често се „профитира“, а бизнисот околу коронавирусот напредува на Интернет.
За само неколку недели, некои книги се појавија на пазарот со совети како да се спречи вирусот, но и со вртоглави теории за „тајните лостови“ на епидемијата. Компанијата „Амазон“ кон крајот на февруари објави дека ја отстранила од својата виртуелна полица десетици илјади производи кои ветуваат сомнителна помош или се нудат по надуени шпекулативни цени.
Лагата за лекот Ибупрофен
Пред неколку дена, во апликацијата WhatsApp се појави порака во која жена експлицитно бара веста да се прошири од секој, што ја читал. Жената за која станува збор разговарала на телефон со својата пријателка, која работи во Универзитетската болница Виена. Имало „извесно лабораториско тестирање“ и дознала зошто коронавирусот толку се шири во Италија. Ова се должи на употребата на лекот Ибупрофен.
Од виенската Универзитетски клиника веднаш ги демантираа овие тврдења, велејќи дека никакви студии по ова прашање не биле правени таму, но измислицата упорно продолжува да се врти низ социјалните мрежи, за инает на секакви деманти и научни аргументи.
Како да се заштитите од лажни вести и лажни ветувања? Експертите даваат три практични совети: информациска хигиена, дисциплинирање на сопствените размислувања и анализирање на сопствените емоции.
„Информациска хигиена“ значи да се селектираат и проверуваат изворите на информации. Под „ментална дисциплина“ се подразбира критичното размислување, вештината да се гледаат историски аналогии, кои штитат од неправилни заклучоци. Што се однесува до емоциите: очигледно е дека стравот може да го „помати“ реалното оценување, а личноста која е во паник е лесно подложна на манипулации и сугестии на некој невидлив непријател.