Телефонски разговор Димитров – Блок: Холандија смета дека Северна Македонија треба безусловно да ги почне преговорите со ЕУ

од Берта Китинска
224 прегледи

Холандија смета дека Северна Македонија треба безусловно да ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ, односно дека по донесувањето на Законот за Јавно обвинителство не постојат никакви пречки за почеток на преговорите.

Ова го истакнал холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок во телефонски разговор со шефот на дипломатијата Никола Димитров, покренат на барање на Димитров, вчера во вечерните часови во контекст на Советот за општи работи на ЕУ, којшто е предвиден да се одржи на 24 март, а на кој ќе се разгледува донесување на одлуката за отпочнување на пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија.

Како што соопшти МНР, Блок го информираше Димитров дека во писмото до холандскиот Парламент, холандската Влада ги споделува наодите на Европската комисија дека Владата на Северна Македонија продолжи да испорачува опипливи и одржливи резултати во однос на условите поставени од Советот на ЕУ во јуни 2018 година.

-Министерот Димитров од своја страна ја реафирмираше заложбата на нашата земја за продолжување на зацртаниот реформски пат во однос на евроинтеграциите, а беа разменети и информации и за мерките против коронавирусот и ситуацијата на границите низ Европа, стои во соопштението.

Слични содржини