На крајот на февруари, Турција ги испрати бегалците кон Грција. А потоа стигна коронавирусот. Додека сега на границата е мирно, вистинската драма се одвива во преполните кампови на грчките острови. Таму нема услови ни за основна хигиена, пишува „Дојче Веле“.
Нема опуштање на островите
Според официјалните бројки, околу четири милиони бегалци престојуваат во Турција, иако се зборува дека има многу повеќе. Во Грција, според властите, има околу 100.000 баратели на азил, од кои 41.000 на островите Лезбос, Самос, Хиос, Лерос и Кос.
„Едвај имаме вода, а бегалците тука не знаат што се случува. Дали може да се заразиме со вирусот? Загрижен сум“, вели Сомаја (20) од Авганистан која живее во кампот во Морија на Лезбос.
Таа сака да им помогне на другите и како волонтер се вклучи во работата на данската хуманитарна организација „Team Humanity“. Тие самите ги шијат маските и ги делат во кампот, заедно со сапун и брошури во кои има информации за вирусот.
Пред две недели Атина издаде уредба за однесување во време на коронавирус во бегалските кампови. Во неа се наведува дека се забранети посети или активности внатре во кампот. Жителите во кампот можат да се движат само во нужна потреба. Купување надвор од кампот може да го спроведе само еден член на семејството, кој со посебни полициски автобус ќе биде однесен до одредени продавници.
Од 19 часот стапува на сила полициски час. Новите правила им забрануваат на барателите на азил да користат банкомати во околните села. Владата најави дека ќе инсталира банкомати директно на кампот, но кога – сè уште не е јасно. Одредбите исто така сугерираат луѓето да се придржуваат до хигиенските мерки.
Политичка пресметка на сметка на бегалците?
Апостолос Веизеис од орканизацијата „Лекари без граници“ смета дека мерките за заштита се лицемерни. Тој вели дека мерките првенствено се насочени кон заштита на локалното население и ги дискриминираат барателите на азил. На целата територија на Лезбос има само пет кревети за интензивна нега, а само два на Самос. Тројца лекари од Министерството за здравство се грижеа за 20.000 лица во Морија, без лекови, ниту потребни медицински материјали на располагање.
Веизеис претпоставува дека грчката влада го користи вирусот за свои политички цели: „Ако тие сега кажат дека е време да се биде внимателен и дека е најбезбедно да се сместат бегалците во затворени центри, тогаш со тоа ќе се обидат конечно да го спроведат нивниот концепт“.
Досега Атина беше остро критикувана за затворените центри од страна на организациите за човекови права, ЕУ и локалното население. И додека Анкара поради вирусот „повлече рачна сопирачка“, се чини дека Атина ги користи бегалците за да испрати порака.