Од утре лицата над 67-годишна возраст стравуваат дека нема да успеат да ги завршат неопходните обврски во дозволениот термин за движење од 10 до 12 часот.
Денеска имаше долги редици каде повозрасните лица чекаа пред банкарска експозитура за да си ги платат сметките, пред да стапат во сила новите мерки.
-Затанав во редот за да ги платам сметките, чекав околу 40 минути ,но залудно е пред мене имаше голема гужва се откажа, не знам дали ќе успеам во наредните денови да си го подмирам долгот бидејќи, ќе имаме само два часа на располагање, сигурно пак ќе се чека многу, вели пензионерот Ванчо Горгиевски.
Поради ситуацијата со ширењето на коронавирусот, Владата донесе одлука за приширување на полицискиот час од 16 часот попладне до 5 часот наутро. Продолжениот полициски час почнува од 8 април, соопшти Владата.
„Се забранува движењето за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден. За лицата над 67 годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот. За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот“, соопшти Владата.
За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16:00 часот до 05:00 часот во понеделник. Според Одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.
За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби. Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.