Ајтов: Покачувањето на платите на војниците е добар почеток

од Destan Jonuzi
318 прегледи

Војниците на Република Северна Македонија од ноември ќе имаат покачување на платите за 2.000 денари. Ова е договорено помеќу Министерството за одбрана со првите луѓе на четирите синдикати во Министерството и Армијата.

Како што соопштија од Министерството за одбрана, тоа значи дека со октомвриската плата, која ќе се исплати во ноември, војниците ќе имаат зголемување на основната плата од 2.000 денари.

Претседателот на Синдикат на одбраната и безбедноста (СОБ) Ристо Ајтов во изјава за „Локално“ вели дека иако зголемувањето ќе биде за малку пониско од она што беше предвидено со зголемувањето со минималната плата од 2.800 денари, сепак е, како што вели, „добар почеток“.

Ристо Ајтов, СОБ

Ристо Ајтов, СОБ

– Работниците и ние како Синдикат никогаш нема да бидеме задоволни од она што го земаме и секогаш ќе сметаме дека заслужуваме повеќе. Затоа постои синдикалната борба. Но, исто така треба да бидеме реални во она што може да го понуди државата од буџетот, бидејќи ние сме буџетски корисници. Зголемувањето ќе биде за малку пониско од она што беше предвидено со зголемувањето со минималната плата од 2.800 денари, но е добар почеток. Разговорите одеа во насока на тоа, следната година со новата фискалана структура на буџетот на Министерството за одбрана, да се создава простор за понатамошно зголемување на платите, истакна Ајтов.

Од друга страна, министерката за одбрана Славјанка Петровска изјави дека Армијата е гарант за безбедноста на секој граѓанин, па затоа, како што истакна таа, „и за мене како министер и за министерството приоритет останува унапредувањето на позицијата на секој војник“.

Инаку, станува збор за сума за покачување на платите на припадниците на Армијата, за која министерката Петровска и претставниците на синдикатите во Министерството и Армијата преговараа и постигнаа договор во пресрет на донесувањето на Законот за служба во Армијата.

Д.Ј.

Слични содржини