Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села на денешната прес конференција ја повика ЕУ и земјите членки, Германија, Франција, Холандија, да донесат ургентно одлука за формирање на тим на судии и обвинители кои уште еднаш ќе ги отворат сите „политичко монтирани процеси“, со цел граѓаните да ја вратат довербата во институциите кои делат правда.

„Да се отворат сите монтирани политички случаи, почнувајќи од „Монструм“, „Алфа“, па се до „27 Април“. Но, и да се отворат сите предмети од осамостојувањето на Република Северна Македонија за кои има политичка амнестија, за сите корумпирани политичари да одговараат и да завршат таму каде што треба. Тоа е единствен начин како ние треба да почнеме да градиме правна држава. Не водат и со нас владеат лажговци, а не одговорни политичари. Вчерашната одлука беше скандалозна и втора епизода на монтираниот политички процес „Монструм““, посочи Села.

Меѓудругото, тој посочи дека и премиерот Зоран Заев тврдел оти „невини луѓе лежат во затвор во врска со Монструм“ и дека вистината за „Монструм“ е многу болна.

„Заев ветуваше за некакви сценарија кога ќе биде објавена таа вистина, бидејќи тоа би донело до влошување на меѓуетничките односи, толку голем бил скандалот. Заев денеска никаде го нема и преку прес-конференции ни зборува и од неговата партија дека не треба да се мешаме во судски одлуки. А и вчерашната беше една судска одлука. Тој треба да излезе и да ја каже вистината. Треба да има предвид дека се работи за чувства, чувства на родителите кои ги изгубија нивните најмили, а исто така и за чувства на родителите и децата што треба да лежат невини доживотен затвор. Тој треба да даде оставка, бидејќи зема поддршка и гласови од страна и на Албанците со ветувањето дека ќе се обелодени „Монструм“, со ветувањето дека најпосле ние ќе имаме правна држава, дека ќе почне да профункционираат работите како што треба. Дали имаме правна држава денеска? Сите граѓани нека се прашуваат. Не, немаме. Туку имаме здружување на поранешите противници во една криминална група во власта“, изјави лидерот на АА.

Според него, ветингот не треба да биде само ветување во време на кампањи, туку треба да почне веднаш и сите обвинители и судии кои се политизиани треба да ги напуштат работните места, бидејќи на ваков начин „имаме само еден пат, а тоа е анархија“.

Во иста насока се движеше и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши кој на прес конференцијата посочи дека има три причини зошто „Монструм“и сите други, како што рече, „монтирани процеси“ потфрлуваат и оставаат голема дамка и голем прашалник зошто ова ни се случува.

„Првата причина е затоа што овој процес во самиот почеток беше крајно политизиран. Целиот процес траеше со отсуство на транспарентност. И третата причина е затоа што целосно е изгубена довербата во судот и во одлуката“, истакна Гаши.

Села пак, информираше дека вчера поднеле иницијатива за интерпелација за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, оценувајќи дека последните случувања со Сашо Мијалков претставуваат театар.

Тој посочи дека пред два дена цела земја се кренала на нозе, оти исчезнал Сашо Мијалков, а тој се појави вчера и ни рече дека има температура со сомневање дека имал грип.

Слични содржини