Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска во Рамала ја прими американската делегација предводена од координаторот на Советот за национална безбедност за Блискиот исток Брет Мекгурк и помошничката државна секретарка за Блискиот Исток Барбара Лиф и им порача дека американската администрација треба да изврши притисок врз Израел да ја запре војната во Појасот Газа.
За време на средбата, Абас рече дека треба да се забрза испораката на хуманитарна помош за Појасот и да се запрат нападите на војниците и доселениците врз Палестинците на Западниот Брег, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Тој „категорично ги отфрли“ наводните израелски предлози за Палестинците да избегаат од Газа, Западниот Брег или Ерусалим. Абас повтори дека нема воено решение за Појасот Газа и оти територијата е „интегрален дел од државата Палестина“.