Премиерот на црногорската влада во технички мандат Дритан Абазовиќ на денешната владина седница во Подгорица побара што поскоро да се подготви сет мерки за заштеда на електрична енергија.
Абазовиќ рече дека Министерството за капитални инвестиции треба што поскоро да подготви предлог за мерки за заштеда на електрична енергија.
„Овде не зборувам за приватни лица и домаќинства, туку барем за она што е во јавен домен, а тоа е искористување на јавниот сектор преку јавното осветлување, преку она што го користи и владата. Мислам дека треба да се трудиме да бидеме рационални“, рече Абазовиќ, додавајќи дека граѓаните во таа земја плаќаат 12 пати помалку енергија отколку што плаќа владата за увоз.
„Ова води кон акумулација на загуби, што е логично, кои треба да се надоместат доколку хидролошката состојба дозволува. Со оглед на тоа што цената на струјата вртоглаво расте, мислам дека е соодветно Министерството да излезе со предлог и овој апел да оди и до граѓаните“, рече Абазовиќ.
Министерот за надворешни работи, Ранко Кривокапиќ изјави дека е неопходно да се направи севкупен кризен план на мерки поради недостигот на храна, јави Радиотелевизија на Црна Гора.
„Кога ќе го погледнеме регионот, некои медиуми велат дека има недостиг на намирници, а некои велат недостиг на млеко. Го извезуваат во Австрија по повисоки цени. Мора да направиме кризен план за снабдување што е можно поскоро, дури и ако никогаш не го искористиме“, рече Кривокапиќ.