Ацески за Локално: Отворањето многу универзитети и факултети го влоши образованието во Македонија

од Илинка Илиоска
168 прегледи

Универзитетскиот професор Илија Ацески ја коментираше иницијативата на Министерството за образование и наука (МОН) за подготвување нови закони за образование. Тој во разговор со Локално.мк, ја истакна важноста на темелни реформи во образовниот систем и потребата од формирање независна и објективна комисија за оценување на дипломираните студенти.

“Треба да се почнат подлабоки реформи, особено во високото образование, каде што наставниците и училиштата треба да се фокусираат на студентите. Моменталниот систем го губи основниот контакт помеѓу професорите и студентите, а оценувањето често е формално, преку тестови и писмени работи кои студентите ги копираат од интернет.”

Ацески додаде дека во моменталниот систем недостига истражувачка и практична работа, а наставниците на сите нивоа имаат комфорен однос кон наставата. Според него, ова води до неквалитетно образование, каде што учениците и студентите не се активно вклучени.

“Во средното и високото образование, многу студенти добиваат високи оценки без да се соочат со реалните содржини. Ова резултира со неквалитетна настава и незаинтересираност од страна на студентите“,  рече Ацески.

Професорот истакна дека отворањето на многу факултети и универзитети без задоволување на елементарни критериуми дополнително го влошило образованието. Тој предлага формирање на независна и некорумпирана комисија која би ги проверувала дипломираните студенти со цел да се подобри квалитетот на наставата.

“Министерството треба да се фокусира на проверка на квалитетот на кадрите, а не само на бројот на дипломирани студенти. Комисијата би требало да тестира дали студентите се подготвени за реалните работни задачи,” објасни Ацески.

На крајот, Ацески истакна дека квалитетното образование е клучно за иднината на Македонија и дека е потребно да се вложат напори за да се постигне тоа.

Слични содржини