Адамчевски: Враќањето на Херсон не значи крај на војната меѓу Украина и Русија

од Nikola Popovski
235 прегледи

Русите веќе се повлекуваат од Херсон, но прашање е до каде ќе се повлечат. Од тоа ќе зависи и натамошниот развој на настаните. Повлекувањето, пред се, е ветер во грбот на Украинците на морален план. Но зборува и за моќта на западното разузнавање и западното оружје во рацете на украинските војници, вели новинарот Мирче Адамчевски во разговор за „Локално“ за актуелната ситуација во Украина и кризата околу градот Херсон.

Новинарот е дециден дека без западното разузнавање и современото западно оружје, ситуацијата ќе беше сосема подруга и покрај решеноста на Украина да се спротивстави на руската агресија.

-Со влегувањето во Херсон, Украина ќе врати дел од територијата, но тоа нема да биде крај на војната. Не знаеме што се’ има во главите на политичарите од САД и Русија. Ова од причина што тие се главните „богови на војната“. Сведоци сме на благ притисок од страна на Американците врз Зеленски за преговори и тој донекаде веќе ја смени реториката на тој план. Но тоа не значи ништо на воен план, оценува Адамчевски.

Тој појаснува дека зад Украина стојат и стотици западни воени инструктори, високи офицери, кои се на теренот, во Полска, можеби и во Германија, каде што се разработуваат моделите на реагирање во разни случаи.

-Така што сметам дека веќе има направено некои стратегии за различен развој на настаните. А се друго ќе зависи од текот на воените дејства. Инаку, Русија веројатно подготвува нова стратегија откако воено се соочи со западната надмоќ во поглед на оружјето, а кое го користат украинските војници, кои со години беа обучувани од западни инструктори, а се обучуваат и сега во Британија, во Полска…Развојот на настаните ќе покаже дали има нова и каква е руската стратегија и колку е успешна, вели новинарот.

За тоа колку ситуацијата со Херсон го менува текот на војната, Адамчевски верува дека се ќе зависи од тоа кој и колку е подготвен да напаѓа.

-Во случајов Украина, или да се брани, Русија. Инаку текот на војната е сменет пред некој месец кога Украинците имаа успешна контраофанзива на североистокот, Харковската област, а и на југот работите, околу Херсон, не им одат лошо. Но се’ уште е рано да се отфрлаат желбите на Русија да ја заземе целата територија на Херсонската област, а можеби да оди кон Николаев и Одеса, порачува тој.

На прашањето дали реката Дњепар е најголемиот проблем во битката за Русија, соговорникот вели дека тоа е река која ја дели Украина на два дела, источен и западен.

-Во источниот дел живее или живееше претежно руско или рускојазично население. „Традиционално“, од левиот брег на таа река била границата на т.н. „Новоросија“, руска , православна, а територијата од десниот брег на Дњепар се смета за католичка, унијатска или поточно за територија, која била под контрола на Полска или Австро-Унгарија, земји со кои Русија во минатото имала војни. И на таа територија тие земји имаат се’ уште големо влијание. Гледано од воен план форсирањето на реката не е лесна задача, особено кога се уриваат речиси сите мостови. Затоа во некои сценарија инвазијата на Русија се сметаше дека ќе заврши на границата до Дњепар на запад. И на југ кај Одеса Николаев и Херсон. Но никој не знае што точно замислила Русија. А уште помалку што замислил Запад, истакнува Адамчевски.

Н.П.

Слични содржини