Адел успеа во намерата апликацијата Spotify да ја отстрани својата опција за пуштање песни по случаен избор од нејзините албуми и тие да го следат редоследот што пејачката го замислила.
„Не создаваме албуми со толку труд и размислување за редоследот на песните без причина. Нашата уметност раскажува приказна и нашите приказни треба да се слушаат како што сакаме. Му благодарам на Spotify што ме слушна“, напиша пејачката на Твитер.
„Се за тебе“ – е одговорот кој дојде од оваа апликација, која на слушателите им ја лиши можноста да изберат по кој редослед ќе ги пуштаат песните на Адел од сите страници на кои се наоѓаат албумите.
Сепак, симболот за опцијата за репродукција на песни по случаен редослед – две стрелки кои се вкрстуваат – сè уште се појавува кога слушате поединечни песни.
Ова значи дека сè уште е можно да започнете да слушате албум од која било песна и да се одлучите за опцијата по случаен редослед.
Оваа функција, исто така, продолжува да се појавува на плејлистите.
Првиот албум на Адел во последните шест години, насловен „30“, е достапен на апликацијата од неговото објавување во петок, 19-ти ноември.
Разликата во однос на претходниот албум, објавен во ноември 2015 година и наречен „25“, е во тоа што можеше да се купи само во продавници или онлајн.
Стана најбрзо продаваното музичко дело во британската историја – повеќе од 800.000 примероци во првата недела.
Дури во јуни 2016 година стана достапен на стриминг музички сајтови како Spotify, Apple Music и Tidal.