Аџигогов: Штрајк во ФЗО ако биде донесена одлука за намалување на платите

од Stefanija Kuzmanovska
167 прегледи

Доколку Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денеска на седница донесе одлука за намалување на платите на вработените за 21 процент, тие ќе стапат во штрајк, на шалтерите ќе работи само по едно лице кое ќе прима само документација и ќе нема исплати на капитацијата за матичните лекари, за лековите за аптеки, за плати во јавно здравство, како и другите услуги, најави Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗОМ.

Членови на синдикатот пред зградата на Фондот го чекаат исходот од продолжението на седницата на Управниот одбор (УО) што почнала на 4 јануари, за, како што вели Аџигогов, непринципиелниот предлог со кој се бара намалување на платите на вработените.

„Од 9 јануари со препорака од Владата, како што е срочено, се бара намалување од 21 процент. Иако Владата го препорачува тоа како усогласување согласно донесениот буџет, согласно пресметките на стручните служби тоа значи дека платите на сите вработени треба да се намалат за 21 процент“, изјави Аџигогов.

Според него, УО моментно не може да донесе одлука затоа што, како што навел, е поделен – „тројца членови се зад нас, а еден е против“. За да се донесе одлуката потребно е мнозинство од четири члена.

Со одлуката се засегнати 831 вработен во ФЗО.

Слични содржини