Адорно, Аушвиц и културата по 8 мај 2024

од Nikola Popovski
64 прегледи

Навистина е срцепарателно што владата на РС Македонија оставила без плата околу 3000 културни работници пред Велигден. Трогателно беше да се читаат на големиот Христијански празник  мошне патетичните соопштенија на некојси синдикат на културни работници – што и да значи тоа – но жално беше и што во тие соопштенија отсуствуваше чувство на сопствена вина за состојбите во кои се наоѓа оваа држава, не само во културата. Како културните работници да заборавиле дека и тие се виновни за се што ни се случува од 8 Мај 2024 година до денес; за сета политичка, економска и културна трагедија произлезена од нелегитимната влада на мицковистичко дпмне, Влен и Знам (нелегитимна затоа што беше октроирана врз основа на нивни големи политички лаги долги години наназад). А, никој не е невин после 8 Мај 2024 година, тој најлош ден во севкупната историја на Македонскиот народ и држава –  па така ниту културните работници.

Во книгата „Негативна дијалектика“ на Теодор Адорно од 1966 година која претпоставувам дека културните работници ја читале бидејќи, нели, по самата природа на нивната работа и професија тие претставуваат некој вид на интелектуална елита во државата, се наоѓа прочуената реченица-заклучок: „Сета култура после Аушвиц… е обично ѓубре“. Така и кај нас, после 8 Мај 2024 година. Тој ден може да се означи, во симболична смисла, како нашиот Аушвиц! Да не бидеме прегруби, после тој кобен ден сета културна продукција кај нас можеби не е обично ѓубре, како што вели Адорно, но е целосно бесмислена посебно во димензијата на културно творештво како манифестација и развој на културните вредности, затоа што едноставно кажано, после 8 Мај 2024 година нема културен тоталитет кои би претставувал битие на народот (граѓаните).  Всушност, после тој датум, параболично кажано, нема веќе ништо овде, освен пропаѓање на сите основи кои го креираат светот на животот сосе клучните одредници на државата. И, зарем тие културни работници не ги видоа сите експлицитни знаци на предупредување и толку очебијни факти во годините наназад пред тој судбоносен ден, денот кои во Адорновска перспектива плаузибилно може да се нарече ден на македонскиот Аушвиц?! Се разбира, аушвиц не во буквална смисла, барем не сеуште и да се надеваме дека сепак така и ќе остане, иако е познато дека диктатурите во своите највисоки негативно дијалектички развојни форми може да преминат во тиранија, па ќе се вадат луѓе за уши, да парафразираме како предупредување до светот.

Да, зарем културните работници не гледаа што се случува, не слушаа што се зборува односно политички се лаже пред изборите, дури и конкретно за културата? Толку беше провидно се. Па нели видоа во предизборието дека тој глумец (јас никогаш не сум гледал филм или серија со него) што им е министер кои ги остави без плати за Велигден се моткаше по митинзи на мицковистичко дпмне? Зарем не знаеја дека таа партија отворено застана зад интересите на крупниот капитал и стопанските комори (олигархијата) па сега ете, како такви, најавија дека ќе го давале културното наследство на бизнисмени! („Љутков во Вин-Вин: Да го дадеме културното наследство на приватниот сектор да може да прави бизнис од него“, ТВ Телма, 17.04.2025 год.). Стоби за ресторан, Самоиловата тврдина за кабаре, ете ви го мицковистичо дпмне, вие културни работници! Денешниот нивен протест под мотото „Културата не е трошок“ во таа смисла е задоцнета реакција на тој ништовен однос кон историјата и културното богатство, на холокаустот (и) во културата –  но сепак може да претставува почеток на прифаќање на нивната сопствена одговорност за воспоставувањето на режимот.

„Нема повеќе боровинки!“ Културните работници сигурно го гледале документарниот филм на Ерик Нелсон па знаат на што се однесува алузијата или знаат за театарскиот проект на Мозес Кауфман „Овде се боровинките“; станува збор за шокантните фотографии од фото-албумот откриен во 2007 година, направен од сс офицерот Карл Хокер во 1944 година, кои покажуваат како група девојки се забавуваат на само неколку стотици метри од гасните комори на Аушвиц при што нивните вџашени лица се такви затоа што им снемало боровинки, а не затоа што со циклон б недалеку од нив се убиваат илјадници деца и жени секој ден, па така и тој. Слично и нашите буџетски платени културни работници – пред Велигден, метафорично кажано, можеби нивните лица биле вџашени зошто министерот односно диктаторскиот режим ги оставил без плата, а не заради тоталитетот на пропаѓањето на Македонија, но после Велигден, барем да се надеваме, нивните лица ќе бидат вџашени од севкупниот систем на владеење и управување кои не е безличен ентитет туку има име и презиме – министер, директор, заменик министер итн., кои секои поединечно се виновни за очајно негативните состојби во секоја поединечна институција. Ако во 20 век доминантна интерпретативна матрица за холокаустот беше колективната командна одговорност во нацистичкиот режим – Нирнбергшкиот процес – во 21 век се повеќе се преиспитува индивидуалната одговорност. Посебно е индикативен филмот „Обични луѓе (заборавениот холокауст)“ во продукција на Леополд Хоеш, судењето на резервните полициски единици составени од „обични луѓе“ а не фанатични нацисти, а во тој контекст се и шокантните снимки од стрелањето во баба јар. Секој има своја одговорност и вина, доколку веднаш не се спротивстави на режим-от, затоа што потоа може да биде и жртва и џелат на режимот. И затоа, нема повеќе боровинки, нема повеќе илузии – само демократско соборување на диктаторскиот режим е решението за се, вклучително и културата. Партикуларните интереси мора да се надминат, културата не е трошок туку рефлексија на вредностите и идеалите и стремежот на сиот народ  – Хегеловски кажано, целината е суштина и цел – и затоа ослободувањето од диктаторскиот режим мора да биде новата цел на културата и поединечното културно творештво. Културните работници повеќе не смеат да бидат робови на својата културна слобода, посебно оние што работат во институциите, затоа што слобода во тоталитарен, диктаторски режим, дури и за културно творештво – нема.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини