Без одобрение на судијата, Насер Рауфи и уште двајца адвокати го напуштија денешното рочиште за „Монструм“.
Ова следуваше, откако беше донесена одлука на обвинетиот Хаки Азири да му се додели адвокат по службена должност, откако претходно беше посочено дека неговиот адвокат е волен од Корона.
На ваквата одлука се спротистави Насе Рауфи и излезе од судењето. По ваквиот потег на Рауфи и останатите двајца колеги, судот експресно ангажираше нови бранители по службена должност.
„Може да ме стрелате, може да ме бесите но, јас не сакам адвокат по службена должност. Мене ми е адвокат Асмир Алиспахиќ веќе осум години“, рече обвинетиот Фејзи Азири.
Покрај Азири, идентично се изјаснија и Хаки Азири, Сами Љута и Агим Исмаиловиќ.
Оттаму, судењето продолжи со известувања од телефоните кои полицијата им ги одземала на најблиските на обвинетите.
Во предметот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро што се случи на 12 април 2012 година обвинети се Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство во Косово и досега не се екстрадирани.
Петмината беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток.
Во петкратното убиство кај Смилковското Езеро настрадаа четири момчиња: Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.