Раперот Пи Диди (Шон Диди Комбс) беше уапсен во септември и обвинет за рекетирање, трговија со луѓе и злосторства поврзани со проституција. Обвинет е и за сексуален напад и силување, а во неколку тужби се споменува и неговите „freak-off“ забави на кои наводно ги дрогирал и малтретирал своите жртви и снимал сè. На снимките наводно се појавуваат бројни познати личности и, според адвокатскиот тим на раперот, тие би можеле да ја докажат неговата невиност.
Адвокатите поднесоа барање пред судот во Њујорк во понеделникот, тврдејќи: „По прегледувањето на сите видеа, сега е сосема јасно дека тие ја потврдуваат невиноста на господинот Комбс и дека нивната целосна ослободителна вредност не може да се истражи и искористи доколку не се произведени по електронски пат“.
Тимот на раперот тврди дека деветте видеа што ги прегледале ја прикажуваат „Жртва 1“, која претходно беше идентификувана како поранешната девојка на Диди, Кеси Вентура. Видеата, велат тие, покажуваат „приватни сексуални активности меѓу возрасни кои се согласуваат во долготрајна врска“. Адвокатите тврдат и дека снимките докажуваат дека Вентура „не само што се согласила на сексуални односи“ со Диди, туку и „уживала“ во нив. Адвокатскиот тим исто така истакна дека овие снимки „директно ги побиваат тврдењата дека Комбс ги чувал видеата како колатерал“, бидејќи тие не биле на неговите уреди, ниту пак биле одземени од неговите домови.
Тие тврдат дека Вентура овие видеа ги чувала на свој уред со години и сама им ги предала на властите, а не прикажуваат никаква „сексуална забава“. „Нема скриени камери, оргии, други познати личности вклучени, подземни тунели, малолетници, ниту траги на принуда или насилство“, тврдат тие.
Тимот на озлогласениот музичар, исто така, тврди дека снимките можат да потврдат дека Кеси била „расположена учесничка во нејзиниот приватен сексуален живот со Мистер Комбс“. Тие тврдат и дека нема докази дека некој бил под дејство на дрога или алкохол, ниту пак има докази за трговија со луѓе.