Адвокатот Малиновски: Не гледам ниту една олеснителна околнителност кај возачот Јованов, казната ќе биде висока

од Nikola Popovski
355 прегледи

Грубо е да се каже убиство. Смртта настанала во сообраќајка и тоа е регулирано со посебни одредби од Кривичниот законик кои се однесуваат за кривични дела од безбедноста на сообраќајот. Убиствата се сосема нешто друго. Во принцип, кривичните дела се извршуваат со умисла. Умисла е ако некој го посакува кривичното дело и последиците од делото, значи со волја прави – ако некој влезе да краде, влегува со умисла да краде, вели во разговор за „Локално“ адвокатот и поранешен член на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски откако за најтешко кривично дело во областа на безбедноста на сообраќајот и тоа со умисла ќе одговара 20-годишниот Васил Јованов, кој минатата недела на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, ја прегази 22 годишната студентка од Неготино, Фросина Кулакова, која веднаш им подлегна на повредите.

Малиновски анализира дека кривичните дела од безбедноста на сообраќајот, се малку поспецифични и во принцип, никој не сака да стори сообраќајка и човечки е да се каже.

-Малку е тешко разбирливо како може да се рече со умисла, но законот прави градација и вели „кај кривични дела под дејство на алкохол, без возачка дозвола, со енормна брзина итн“ за нив се смета дека се извршени со умисла, односно дека не се со небрежност, од причина што секој што ќе седне пијан да вози е свесен дека може да направи последица или ако е без возачка дозвола, знае дека нема дозвола, претставува зголемен ризик и со тоа се согласува со последицата. Ако вози 120-130 километри на час како што возело момчето, и тоа е исто. Таа е разликата. Немам дилеми дека не може да се квалификува како кривично дело сторено од небрежност. И судската пракса и законот е тука јасен, посочува правното лице.

Јавниот обвинител, Гаврил Бубевски вчера информираше дека Обвинителството ќе поведе постапка и против родителите на Јованов. Дадени се соодветни наредби до Министерството за внатрешни работи да ги испитаат околностите како што се: кој му давал средства за бензин во возилото, од кога е возилото, кој го употребува. Тој рече дека би подлегнало на одговорност тоа што на обвинетиот му се пружило средство за предизвикување општа опасност. Малиновски вели дека е воздржан со ставот за овој дел од истрагата, но, како што додава, кривично-правно малку не ми е јасно како ќе го пакуваат до Обвинителството.

Согласно оваа квалификација на делото, сторителот според Кривичниот законик може да добие затворска казна од четири до 20 години. Соговорникот вели дека е неблагодарно да се лицитира со бројка колкава казна може да добие младиот возач.

-Јас сум поборник да се применува законот како што треба, а не по инерција. Револтот е повеќе од оправдан кај граѓаните, но судот треба да си постапува како што треба и да си ја одмери казната согласно сите околности. Не гледам ниту една олеснителна околнителност кај обвинетиот туку напротив гледам само отежителни. Претпоставувам дека казната ќе оди високо. Во ситуации на олеснителни или особено олеснителни околности, казната може да се изрече и под 4 години. Меѓутоа овде не гледам ниту олеснителна и мислам дека ќе биде висока казна. Неблагодарно е да се лицитира со бројка, оценува адвокатот Малиновски.

Обвинителството оди со реална правна квалификација за сообраќајната несреќа во која беше усмртена Фросина Кулакова, дека Васил Јованов умислено постапувал кога влегол во автомобилот, без возачка дозвола и во алкохолизирана состојба во момент кога истиот не требал да се наоѓа во сообраќајот и прекршува некои одредби со кои умислата не може да се исклучи. Државниот јавниот обвинител Љупчо Коцевски вчера изрази уверување до јавноста и до семејството дека постапката ќе биде ефикасна и Обвинителството ќе инсистира на најстрога казна.

Бубевски вчера информира и дека Јованов возел со 0,9 промили алкохол во крвта во моментот која ја удрил девојката на пешачкиот премин на булеварот „Партизански одреди“. Бубевски додаде дека „состојба на пијанство е над 1,5 промили“. Иако во јавноста се шпекулираше и беше изнесена информација дека Васил возел со 130 километри на час во кобните моменти, Бубевски појасни дека се уште не е позната точната брзина.

-Во зависност од првиот излез на лице место и начинот на кој што застанало возилото, ударот….Првата проценка е дека се работи за поголема брзина. Таа е предмет на вештачење. Стигаш на пешачки премин кај што е за тебе е црвено и ти веќе се согласуваш со последицата која што може да се случи и нема место за друга правна квалификација. Обвинителството ги прибира сите докази за настанот. Се прибира видео-материјалот, контактирано е вешто лице кој си има сопствен софтвер кој што е лиценциран и ќе каже која е брзината на движење и како се случила сообраќајката. Прибрани се снимки од (системот) Сејф Сити, но и од камерите од околните објекти, кажа Бубевски во „Топ тема“.

Васил Јованов

Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло. Настанот предизвика револт во јавноста, а дополнително се вознемири по информациите дека возачот им бил познат на органите од постапка во која лани му се судело за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и прекурсори, но судот му одредил мерка поправен дом третирајќи го како помлад полнолетник. И претходно предизвикал сообраќајна незгода без возачка дозвола, но се спогодиле со оштетената страна.

Во Собранието јавна расправа за законски измени за зајакнување на безбедноста во сообраќајот. Во меѓувреме членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците со 11 гласа „за“ вчера изгласаа одлука в петок во Собранието да се одржи јавна расправа на тема „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот“. За оваа одлука поддршка искажаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ, Левица и „Европскиот фронт“. На седницата на Комисијата не присуствуваа пратеници од СДСМ.

Според статистиките на МВР во 2024 година во сообраќајни несреќи жртви биле 853 пешаци, 2014 од нив завршиле со тешки телесни повреди, а 24 го загубиле својот живот.

Н.П.

Слични содржини