Адвокатот Васко Стојков, со кого Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, замина во Белград, е на распит во полициска станица, потврдија за неколку медиуми од полицијата.
Стојков пред неколку дена во изјава за медиумите рече дека Палевски побарал од него да го однесе во Белград на лекарски прегледи и дека не знаел дека е осомничен за убиство.
Вчера Мнистерството за внатрешни работи соопшти дека во Турција е уапсен Палевски откако по него преку Интерпол беше распишана меѓународна потерница. Министерот за правда денеска го потпиша барањето за екстрадиција и откако ќе биде преведено на турски јазик веднаш ќе биде испратено на турските власти, односно до Министерството за правда на Република Турција.
Од турските власти е побарано Палевски да биде задржан во притвор сѐ до завршувањето на постапката.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември. За нивното убиство, покрај Палевски, се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои ја признаа вината. Во случајот, според истрагата, е вмешан и таткото но Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, а за кого обвинителството информираше дека ги негирал дејствијата