АЕК: Сомнителните повици на мобилен потекнувале од Литванија, Естонија и „Глобал Стар“

од Берта Китинска
368 прегледи

Пропуштените повици од непознати странски броеви регистрирани изутрината кај домашни корисници на мобилна телефонија најчесто потекнувале од Литванија, Естонија и сателитскиот операторот „Глобал Стар“, информира Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) по денешниот итен состанок со мобилните оператори.

Од АЕК истакнуваат дека операторите ги презеле сите безбедносни мерки и до девет часот изутрината најголем дел од броевите преку кои се остварувала измамата се блокирани, но оти тоа не значи дека нема да се повтори такво нешто од други броеви. Затоа, апелираат до сите претплатници во иднина да не повикуваат кон непознати пропуштени броеви од странски држави, бидејќи ќе им бидат наплатени високи цени на меѓународни повици.

– Станува збор за измами при која претплатникот добива краток повик кој прекинува пред да има можност претплатникот да одговори. Ако претплатникот го повика овој број најчесто добива одговор од гласовна машина и тој се наплаќа по меѓународна тарифа. Ваквата измама во поинтензивна мерка е регистрирана од 06:30 часот утрово при што голем број претплатници беа вознемирени со кратки повици од непознати броеви од странство. Најчесто повиците потекнуваа од Литванија, Естонија и сателитскиот операторот Глобал Стар. Операторите ги преземаа сите мерки за заштита на своите претплатници при што до 09:00 часот утрово блокирани беа најголем дел од броевите преку кои се остваруваше ваквата измама, но истото не значи дека ваква измама нема да се повтори од други броеви, стои во објавата на веб страницата на АЕК.

За надминување на ваквата состојба Агенцијата апелира до сите претплатници во иднина да не повикуваат кон непознати пропуштени броеви од странски држави, бидејќи за тоа ќе им бидат наплатени високи цени на меѓународни повици.

Претходно и Македонски Телеком информираше дека по регистрираните повици во текот на денов од непознати дестинации кон нивни корисници, а кои имале цел да генерираат непотребен сообраќај, веднаш презеле безбедносни мерки, ги блокирале непознатите броеви и го оневозможиле бирањето кон тие дестинации. Исто така апелираа корисниците да бидат претпазливи и да не одговараат на пропуштени повици од непознати броеви, за да се избегнат злоупотреби и дополнителни непредвидени трошоци.

Слични содржини