Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин и претседателот на Македонската голф-федерација, Наум Јанакиев, денеска потпишаа Меморандум за соработка со што се отвора патот за изградба на голф-терен во Аеродром.
Во рамките на соработката ќе се овозможат меѓусебна техничка соработка и размена на искуства директно или преку други институции и организации доколку е тоа попрактично и поефикасно, а се однесуваат на широк спектар прашања во врска со реализација на проектот „Голф-терен во Република Северна Македонија“ и негово промовирање.
„Потпишувањето на овој Меморандум е од огромно значење за Општина Аеродром, затоа што отвора едно сосема ново поглавје во областа на спортот и популаризација на голфот во нашата држава. Интензивно ќе работиме на реализација на идејата за изградба на првите голф-терени во нашата земја“, изјави градоначалникот Марин.
Тој додаде дека изградбата на голф терените ќе ја стави Општина Аеродром на мапата на светските дестинации и за развивање на голф-туризам по примерот на земјите од регионот.
„Потпишувањето на Меморандумот за соработка е од големо значење како прв конкретен чекор за исполнување на амбициите за изградба на голф-терен во нашата држава. Ова претставува развојна платформа за нас како федерација, но и уште позначајно за нашите членки-клубови во Федерацијата, на кои со оваа поддршка им се создаваат услови за полесно и побрзо да стигнат до конкретна реализација на голф-проекти во Општина Аеродром“, изјави претседателот на Голф-федерацијата, Наум Јанакиев.
Изградбата на голф-терените е еден од капиталните проекти во рамките на стратегиската платформа „Аеродром – прва општина со европско знаменце“. Спортот останува еден од врвните приоритети на Општината.