Африка е далеку од подготвена за масовна вакцинација против коронавирус

од Vladimir Zorba
361 прегледи

Светската здравствена организација (СЗО) денес ги повика африканските земји брзо да го подобрат капацитетот за вакцинација против коронавирус, предупредувајќи дека континентот е „далеку од подготвен“ за масовна вакцинација.

Додека потрагата по вакцината се забрзува од почетокот на месецот откако неколку производители објавија добри резултати од ефикасноста на нивната вакцина, СЗО ја повика Африка да ги засили подготовките, велејќи во соопштението дека Африка е подготвена само 33 проценти за вакцини.

Тој процент е добиен врз основа на податоците од 40 земји на континентот, добиени според низа критериуми, и засега е далеку под целта за подготвеност од 80 проценти, наведува организацијата.

„Планирањето и подготовката ќе бидат клучни за оваа досега невидена задача“, рече регионалниот директор на СЗО, д-р Матшидисо Моети на виртуелна прес-конференција.

Таа рече дека целта е да се вакцинираат три проценти од Африканците до март 2021 година и 20 проценти до крајот на следната година. Финансирањето, инструментите за комуникација со населението најмногу недостасуваат, а подобрувањето на меѓународната солидарност е клучно, рече таа.

СЗО проценува дека трошоците за вакцинирање само на приоритетната популација во Африка се околу 4,8 милијарди евра. Африканските земји би можеле да добијат дел од средствата во рамките на механизмот за добивање и дистрибуција на вакцините „Ковакс“, но и од финансирање на Светска банка.

Иако Африка е значително помалку погодена од пандемијата отколку другите континенти, со околу 50.000 смртни случаи официјално и 2,1 милиони потврдени заразени, има обновени избувнувања на локализирани жаришта на континентот, особено во Јужна Африка и Магреб, рече Моети.

Слични содржини