Агелер: Судскиот совет треба да одолее на политичките притисоци

од Nikola Popovski
163 прегледи

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер денеска порача дека довербата на граѓаните во судскиот систем е на страшно ниско ниво и Судскиот совет мора да го следи законот и да одолее на политичкиот притисок.

Зголемувањето на транспарентноста и професионалноста на судскиот систем треба да биде главен приоритет на Владата и на новото Собрание, порачаа денеска западните дипломати на Конференцијата за напредокот во спроведувањето на препораките на Оценската мисија на ЕУ, организирана од страна на Судскиот совет.

„Извештајот на Оценската мисија на ЕУ е вреден патоказ за реструктуирање на Судскиот совет и враќање на неговата улога во рамките на судството. Судскиот совет е важно оружје во арсеналот оружје што ќе биде потребно за вистински да се трансформира судството на Северна Македонија во институција која им служи на граѓаните, која ги штити невините и ги казнува оние кои ценат дека се над законот“, рече Агелер.

Покрај неа, и амбасадорот на Холандија во земјава, Дирк Јак Коп порача дека граѓаните на земјата очекуваат и заслужуваат Владата да ги спроведе реформите поврзани со интеграцијата на земјата во ЕУ и трансформацијата на судството, бидејќи ова, според него, ја внесува земјата во ЕУ. Тој додаде дека ЕУ и Македонија имаат договор со кој Унијата обезбедува техничка и финансиска помош додека земјата мора да спроведе реформи.

„Многу од препораките на експертите вклучуваат законски измени, додека три препораки се однесуваат на уставни измени. Но, ништо од ова не треба да се случи брзо, без вклученост на експертската заедница и граѓанскиот сектор. Реформите мора да бидат систематски, сеопфатни и инклузивни и мора да имаат за цел да ги постигнат стандардите на ЕУ, како и да овозможат транспарентно и правично функционално судство“, изјавил Јан Коп.

Според шефицата на Судскиот совет, Весна Дамева, Советот веќе го започнал реформскиот процес за имплементација на препораките на евалуациската мисија на ЕУ. Зборувајќи за предупредувањата на новата влада за распуштање на Советот и реформи во изборот на неговите членови, Дамева рече дека е против тезата дека треба да има колективна одговорност, бидејќи смета дека е потребна индивидуална одговорност и санкционирање на инволвираните со име и презиме.

Слични содржини