Агентот на Салман Ружди изјави дека „вестите не се добри“ откако познатиот писател беше избоден со нож на настан во државата Њујорк.
Тој беше нападнат на сцената и сега е на респиратор и не може да зборува, рече Ендрју Вајли во изјавата, додавајќи дека 75-годишниот автор може да изгуби око, пренесе Би-Би-Си.
Ружди трпи смртни закани од исламисти со години откако ги напиша Сатанските стихови, објавени во 1988 година.
Полицијата го уапсила осомничениот, идентификуван како Хади Матар (24) од Фервју, Њу Џерси.
Напаѓачот кој излетал од публиката наводно носел црна маска и скокнал на бината каде што го нападнал писателот. Ружди беше на земја околу пет минути пред да му помогнат да стане и да излезе од сцената.
Еден сведок рече дека напаѓачот истрчал од левата страна на гледалиштето и неколку пати го избодел писателот.
-Салман најверојатно ќе го изгуби едното око, нервите во раката му се отсечени, а црниот дроб е пробиен и оштетен, изјави неговиот агент.