Македонецот како шкорче на Дејвид Линч – така во последено време ми наликува „хипи“ односот на македонскиот авангарден нус. АМАН, нели гледаме Линч? Мене ова ме потсеќа на „Зајаци“ и култната сцена со мистериозниот аплауз на апсурдот. Ама, стоп! Што со тоа? На кого му е важен Линч?

Искрено, мене повеќе ми ја стега главата мониторот на ЈСП. Не знам колку хумано делува, ама требаше луѓето да промовираат музика по автобусите, и наеднаш, оп, еве ти на ЛЦД монитор, двојазично, врти текст 24/7 – „ Непоништен или некупен билет, казна 1000 денари“.

Ете ,тоа е по екраните во автобусите на ЈСП. Нема мрдање од казната, нема мрдање. Да ти се згрози, толку е очајно. Овде, ниту Мишел Фуко не помага со својата генеза за ваквото суштествување и системско казнување. Ако не по џебот по психата, Фуко! Сега да те „распарчат“ може ќе ти го спасат животот. Ова е крај на секоја свест, нема потреба од новиот сон. Смислата за Сизив тука е родена. Каменот што македонецот го турка секој ден е само почетокот. Планината ја зголемија, до толку абер немаат. Сизив, ти си нечовек, ама овие се ЧУДОВИШТА!

Не може човек, а да не се наврати на Албер Ками, па преку „Митот за Сизив“ да си каже дека сме „Отишле у к…“. Самоубиство. Ете за филозофијата. Што сега? Ками почна со прашањето за самоубиството и почесна апологија за животот. Така ти е и со Македонија. Што ќе ти е животот? Наместо прашања, само преживување. Терај си ти, терај Македонче, ти немаш потреба од „борба“, таа ќе остане за други луѓе.
Вака наведната глава, не сум сретнала. Безкичма е мал збор. Малку се оние на фронтот. Ама, сите малку ќе останеме. Кога казната станува суштината тогаш што ќе ти е хуманото. Ништо! Кога во една државата ниту уметноста не го достигнала своето совршенство, тогаш што со останатото? Многу песимистички, ама „Зајаците“ на Линч се единственото нешто што ме потсеќа на Македонецот. Така – едноставен, збунет, а сепак линчовски до крај.
Вероника Камчевска