Ахмети и Села на ВЛЕН им порачаа: Дојдете кај нас за да му го покажеме местото на Мицкоски

од Илинка Илиоска
51 прегледи

Лидерите на Европскиот фронт, Али Ахмети и Зијадин Села, започнаа офанзива за легитимитетот, упатувајќи пораки до коалицијата ВЛЕН да се повлече од Владата и да му покаже на премиерот Христијан Мицкоски до каде смее да оди со Албанците. Тие нагласија дека не сакаат да бидат „резервна гума“ во Владата.

„Немаме претензии да бидеме дел од оваа Влада. Ги повикувам Вреди да ја напуштат моноетничката Влада и антиалбанизацијата на институциите. Откако се тие на власт, Албанците се обесправени“, изјави Села и потенцираше дека „во изминатите 100 дена, до точка и запирка, се спроведе програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Сто дена ги газат Албанците“ и дека премиерот им вели „среќен пат“, а Албанците не добиле свој глас.

Во однос на тврдењата на Мицкоски за дестабилизација, Села рече: „Дали ќе има дестабилизација – кажавме не! Ќе се браниме со одлучност. Протестите не се за дестабилизација, туку за демократизација, процес што не завршува.“

Тој нагласи дека „ќе му го покажеме местото на Христијан Мицкоски“ и ќе ги исцртаат црвените линии на кои „има право да постапува со овој народ“.

Ахмети, од своја страна, истакна дека Албанците не заслужуваат вакво понижување и омаловажување. Тој додаде дека „за жал, Албанците сега се претставени од објект што се нарекува Вреди“, нагласувајќи дека Албанците во Македонија се субјект затоа што се организирани и одговорни во важни процеси.

Европскиот фронт планираат во наредните 10 дена да одржат прес-конференции за неуспесите на Владата и да ги мотивираат членовите и граѓаните да учествуваат во протести пред Собранието и Владата. Главната порака на Европскиот фронт е дека „без избори нема да бидат дел од ничија влада“.

Слични содржини