Претседателот на ДУИ Али Ахмети денеска во партиското седиште имаше средба со делегација на Советот на Европа за Западен Балкан.
Ахмети, како што соопшти партиската прес-служба, ја повторил загриженоста за политичката криза во земјата велејќи дека ДУИ побарала од меѓународната заедница да го олесни политичкиот дијалог со вклучување на сите засегнати страни.
ДУИ побарала следење на судските постапки од правни и истражни експерти од Европската унија со цел да се гарантира кредибилитетот на процесот и да се добие доверливоста на сите страни.
– Решението мора да биде резултат на политичкиот дијалог во земјата со посредство на меѓународната заедница. Политичката криза во земјата се обидуваат да ја користат различни групи за цели кои не се поврзани со стабилноста, безбедноста, мирот, добрите меѓуетнички и добрососедски односи, толку помалку интеграција во НАТО и во Европската унија, соопшти ДУИ.
Партијата, како што е наведено, е посветена да работи на конструктивен начин за излез од кризата и ќе придонесе за решавение, а не за продлабочување.
– Затоа ДУИ бара што е можно побрзо завршување на политичката криза со цел да ја вратиме Евроатлантската агенда, како приоритет на нашите активности, информира партијата.
Гостите изразиле интерес на политичката криза во земјата, меѓуетничките односи, спорот за името, инцидентот кај Гошинце, Охридскиот договор и за други прашања.
По средбата делегацијатац на Советот на Европа за Западен Балкан се сретна и со Претседателот на ДПА Мендух Тачи .
На средбата, како што соопшти партиската прес-служба, били разговарано за последните политички и економски настани во земјата, деблокирањето на интегративните процеси и за други теми од взаемен интерес.
Според соопштението, Тачи посочил дека се наоѓаме во исклучиво важен период за земјата и регионот.
– ДПА како важен фактор во овој исклучително деликатен процес ќе продолжи со својата конструктивна и одговорна политика, и нема да стане дел од можни авантури и авантуристи со што би им се наштетило на демократијата и евро-атлантската перспектива на Албанците и на државата во целина, соопшти партијата.
Тачи истакнал дека сегашниот состав на разговорите во Брисел само меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не е во ред, посочувајќи дека за надминување на актуелната ситуација разговорите треба да се развиваат меѓу четирите главни политички сили во земјата./МИА
