Претседателот на ДУИ, Али Ахмети преку јавна објава го честиташе Денот на албанското знаме и Денот на независноста на Албанија со силна политичка и национална порака, нагласувајќи го единството и одговорноста на Албанците каде и да живеат.
Ахмети порача дека „мора да ја почитуваат нацијата со дела и посветеност секој ден, во сè што прават и во секој збор што го кажуваат“. Тој нагласи дека Албанците насекаде имаат обврска да ја поддржат Албанија во процесот на членство во Европската Унија до 2030 година, додавајќи дека државноста на Косово мора да се консолидира во тесно партнерство со САД и ЕУ.
Во својата порака, Ахмети ја спомена и заедничката обврска за целосна рамноправност во Македонија и за европската интеграција на земјата, како и грижата за Албанците во Прешевската долина, Црна Гора и дијаспората.
„Драги мои Албанци, да бидеме благодарни на Албанија, среќен Ден на знамето и Декларацијата за независност, нека е вечна Албанија. Да живее нашата нација, да живее Албанија, слава на мачениците на нацијата!“, стои во честитката на Ахмети.
Албанија денес го слави својот национален празник – Денот на независност. Албанците од целиот свет го слават овој ден како еден од најважните моменти во историјата на земјата, а 28 ноември е прогласен за празник и во Косово.
На 28 ноември 1912 година, во Валона, Исмаил Кемали ја прогласил независноста на Албанија од Отоманската империја и станал прв премиер на земјата. На прогласувањето на независноста присуствувале 83 делегати од сите албански заедници, од кои 40 учествувале во потпишувањето на декларацијата за независност.
Празникот е познат и како Ден на знамето, бидејќи на 28 ноември 1443 година, албанскиот национален херој Георги Кастриоти – Скендербег го предводел отпорот против Отоманската империја со кревање на знамето со црн орел на црвена позадина во Круја – симболот на семејството Кастриоти и денешното албанско национално знаме, потсетуваат медиумите.