Потребен е ветинг за политичките партии да не прераснат во јавни обвинители или во судии, изјави претседателот на политичката партија Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.
На средба со членови и симпатизери на ДУИ во Битола, лидерот Ахмети посочи дека е потребна истрага за процесот на приватизација и потеклото на богатсвото на сите политичари и функционери во земјава.
-За да има владеење на правото и граѓаните да имаат доверба во институциите неопходно е да имаме ветинг. За политичките партии да не прераснуваат во јавни обвинители или во судии, потребен е ветинг во политичките партии, за челниците на политичките партии и на сите функционери, рече Ахмети.
Исто така, нагласи Ахмети, треба да се направи целосна истрага за процесот на приватизација и истрага за потеклото на богатството на сите политичари и функционери во земјава.
Во изјава за медиумите, лидерот на ДУИ посочи дека членството на земјава во Европската унија е единствена алтернатива.
– Разговараме со граѓаните за неопходноста од членството на земјава во Европската унија како единствена алтернатива. Убаво е што на овие средби имаме голем одзив и задоволни сме од учеството на граѓаните за да им објасниме за зајакнување на меѓуетничките односи во нашата земја како едно од важните прашања за мирот, стабилноста и функционална демократија. Разговараме со народот затоа што нашата земја има потреба од владеење на правото, истакна Ахмети за време на денешниот престој во Битола.