АХВ апелира: Одгледувачите да пријават зголемена смртност или појава на клинички знаци на птичји грип

од Маја Анчевска
448 прегледи

Вчера осамна веста од страна на Mакедонско Eколошко Друштво (МЕД), дека во малото Преспанско езеро во Грција се пронајдени повеќе од 500 мртви пеликани и дека причината за угинатите птици е птичји грип.

Од МЕД информираат дека тие само ја пренеле информацијата која ја добиле од колегите.

– Бидејќи угинатите пеликани се во Грција, нивни органи ја имаат потвредено информацијата. Ние како истражувачи не ја познаваме оваа проблематика доволно добро но, наши соработници, волонтери и експерти може да ја забележат на терен, па сме информирани и информираме, велат за „Локално“ од МЕД.

Мониторинг станица за испитување и следење на квалитетот на водите од Преспанското езеро, за „Локално“ велат дека во  нашиот дел на Преспанското Езеро нема забележани мртви пеликани или било какви други птици.

–  Ние како институција имаме соработка и со партнерите од грчка страна, кои извештајот за угинати птици го проследија веднаш штом ја утврдија причината за угинувањето на птиците, по што веднаш беше извршена контролата. Отворени сме за соработка и доколку имате информации за било какви негативни појави на нашата страна на езерото очекуваме да не известите за да може навремено да се реагира во рамки на можностите кои ги имаме како институција, информираат од Мониторинг станица за Преспанско Езеро.

Во рамки на дефинираните мерки по потврдувањето на двата одделни случаи на птичји грип во земјава минатиот месец, спроведени се и дополнителни прегледи на одгледувалиштата и попис на живината на фармите.

– По појавата на двата изолирани случаи на заболени диви птици во февруари годинава, во Штип и во Скопје, согласно дефинираните оперативни процедури на АХВ при појава на болести кај животните, засилени се мерките за контрола на болеста ( активен и пасивен надзор). Донесени се соодветни решенија со кои се наредени и спроведени мерки во дефинираните заштитна и зона под надзор, за спречување на ширење на болеста, која засега не е дополнително детектирана, ниту кај питомата ниту кај дивата популација птици, информираат за „Локално“ од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Од  АХВ поденцираат дека одгледувачите треба да водат евиденција за болни и угинати птици, а потребно е и соодветно да се отстранува ѓубрето и угинатата живина од фармите како потенцијална можност за евентуално пренесување на вирусот.

– Иако присуството на птичјиот вирус во земјава не беше потврдено на фарма, туку кај диви птици кои се чувале на отворено и кај дива прелетна птица (корморан), до одгледувачите упатен е апел за максимално подигнување на бисигурносните мерки на фармите и за следење на здравствената состојба на живината. Одгледувачите на живина птиците да ги држат подалеку од области кои се посетувани од диви птици, да се контролира пристапот до одгледувалиштата на живина на луѓе и опрема, да се отстранат предмети од одгледувалиштето кои може да привлечат диви птици, да се одржува хигиена на имотот, објектите каде се држи живината и опремата, а неопходно е и да не се внесува живина, птици од непознат статус на болеста во јатото на одгледувалиштето, апелира АХВ.

Птиците кои не покажуваат знаци на болеста од АХВ информираат дека можат да го носат вирусот и се опасност од ширење на вирусот кај живината.

– Птичјиот грип најчесто се шири преку птиците преселници кои се сметаат за резервоар на болеста. Дивите птици, особено дивите патки можат природно да бидат отпорни и да не покажуваат клинички знаци на болеста. Затоа важно е да се води сметка живината која се одгледува на фармите да се спречи да дојде во контакт со нив, за што останува препораката до фармерите живината да не ја чуваат на отворено, велат од АХВ.

Болеста предизвикува големи економски загуби во живинарството, а кај птиците кои се чуваат како миленичиња и дивите птици, птичјиот грип предизвикува висока стапка на смртност.

– Авијарната инфлуенца (птичји грип) е болест која задолжително се пријавува и затоа апелираме во најкраток можен рок, до надлежното ветеринарно друштво или официјалниот ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство, одгледувачите да пријават зголемена смртност или појава на клинички знаци на болеста кај живината, а граѓаните и ловџиите доколку забележат, да пријават вакви појави кај дивите и водните птици, додаваат тие.

Во периодот декември 2021 – јануари 2022 година, согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните АХВ спроведе редовен мониторионг  на дивата и питомата популација птици, при што ниту во една мостра не било детектирано присуство на вирусот на птичји грип.

M.A.

Слични содржини