АХВ: Наредено е затворање на кујната во ,,Ѓорѓија Пулевски”, до добивање на резултатите од лабораториските тестирања

од Илинка Илиоска
28 прегледи

Наредено е затворање на кујната, од која инаку не се носеле оброци за други училишни кујни, се до добивање на резултатите од лабораториските тестирања со што ќе се потврди безбедноста.

Ова го одговорија попладнево од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за МИА, во врска со известувањето што го добиле, за сомнеж за труење со храна на неколку деца.

– Изречени се мерки за темелно чистење на кујната, дезинсекција, дезинфекција и дератизација, спроведување на вонредни здравствени прегледи на вработените лица во кујната, се вели во пишаниот одговор од АХВ.

Појаснуваат дека по добиеното известување за сомнеж за труење со храна на осум деца во основното училиште ,,Ѓорѓија Пулевски” во скопската општина Аеродром, инспекциски служби на Агенцијата, во соработка со тимови од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје, Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Институтот за јавно здравје – Скопје, спровеле вонреден инспекциски надзор во кујната во училиштето.

– Земени се четири контролни оброци од храната која на учениците им била послужена минатиот ден, мостри од храна – салата од краставица, супа, мусака со мелено месо и компири и бомбици што ќе бидат лабораториски испитани.

Исто така за лабораториско тестирање земени се и пет бриса од работни површини и од опрема, како и испироци од раце од вработените лица во кујната, појаснија од АХВ.

Слични содржини