АХВ: Неправилности во 92 игротеки, 13 затворени поради лоша хигиена и небезбедна храна

од Илинка Илиоска
93 прегледи

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на почетокот на октомври спроведе вонредни контроли во 92 игротеки низ земјата, при што се утврдени бројни неправилности во однос на хигиената и безбедноста на храната.

„Со контролите опфативме 92 игротеки во целата земја и утврдивме дека 16 од нив не се регистрирани во Агенцијата како оператори со храна, што е задолжително согласно законските прописи,“ соопштија од АХВ.

Понатаму, осум од проверените игротеки не ги задоволувале основните хигиенски барања и немаат имплементирано процедури на добра хигиенска пракса. „Вработените во 16 игротеки не ги спроведоа потребните здравствени прегледи, што претставува ризик за безбедноста на храната која се подготвува или послужува,“ објаснија од АХВ.

Покрај тоа, утврдени се отстапувања во поглед на квалитетот на храната, при што се запленети и безбедно уништени 11,5 килограми млечни производи кои не ги исполнувале стандардите за безбедност. „Во овие случаи, секако, преземавме соодветни мерки за заштита на потрошувачите. Издадени се 19 решенија за корективни мерки и затворени се 13 игротеки,“ додаваат од Агенцијата.

Како дел од мерките, на 32 игротеки им се изречени парични казни. „Наш приоритет е да обезбедиме безбедна храна и соодветни хигиенски услови во сите објекти кои оперираат со храна, особено во оние кои се чести посетени од најмладите,“ истакна АХВ во соопштението.

Слични содржини