АХВ спречила нелегален увоз на 40 тони нелегални јајца од Србија

Според информациите од АХВ, постојат сомнежи дека јајцата требало дополнително да се обележат и да се пласираат на пазарот како домашно производство

од Кристијан Димков
11 прегледи Фото: АХВ

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во координација со Царинската управа, спречиле обид за нелегален увоз на голема количина јајца од Србија, при што над 40 тони небезбедна стока биле уништени на депонијата Дрисла, соопштуваат од АХВ.

„Акцијата беше спроведена на граничниот премин Табановце, каде по деталната контрола беа откриени вкупно 572.400 свежи јајца, скриени зад првите палети со уредно декларирана стока. Во едната пратка биле пронајдени 270 илјади, а во другата 302.400 необележани јајца.“, се вели во соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Според информациите од АХВ, постојат сомнежи дека јајцата требало дополнително да се обележат и да се пласираат на пазарот како домашно производство. Со тоа, како што посочуваат, ќе се доведеле во ризик потрошувачите, но и ќе се нарушела конкурентноста на домашните производители.