Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека Израел ќе биде „строго казнет“ по нападот во петокот врз нуклеарната програма на Иран, во кој загинаа неколку воени команданти.
„Ционистичкиот режим (Израел) утрово ја ослободи својата зла и крвава рака во злосторство против Иран и ја откри својата подла природа. Со овој напад, ционистичкиот режим си подготви горчлива судбина, која дефинитивно ќе ја добие“, рече Хамнеи во соопштението.
Израел, од друга страна, објави дека нема друг избор освен да го нападне Иран, додавајќи дека собрал разузнавачки информации дека Техеран се приближува кон „точка без враќање“ во својата потрага по нуклеарно оружје.
„Иранскиот режим со децении работи на добивање нуклеарно оружје. Светот ги испроба сите можни дипломатски канали за да го спречи, но режимот одби да престане“, соопшти израелската војска.
Војската не ги откри наводните докази што неодамна ги собрала.
Покрај ајатолахот Али Хамнеи, Револуционерната гарда, исто така, најави решителна одмазда против своите „заколнати непријатели“, нагласувајќи дека Израел ќе плати висока цена за нападот во кој беше убиен главниот командант на гардата, Хосеин Салами.
„Израелскиот напад беше извршен со целосно знаење и поддршка на злите владетели во Белата куќа и терористичкиот американски режим“, се вели во соопштението на Револуционерната гарда.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп се обиде да ги дистанцира САД од израелските напади врз Иран, кои веројатно ќе го комплицираат стремежот на Трамп кон нуклеарен договор со Техеран.
Израел вели дека нападнале ирански нуклеарни цели за да го спречат Техеран да развие атомско оружје, додека администрацијата на Трамп се подготвува за шестата рунда разговори во недела за ескалирачката програма за збогатување ураниум на Иран.
Марко Рубио, државен секретар на Трамп и советник за национална безбедност, нагласи дека израелските напади биле еднострани, велејќи дека САД знаеле дека нападите ќе се случат.
„Ние не сме вклучени во напади врз Иран и наш главен приоритет е заштитата на американските сили во регионот“, рече Рубио во соопштението.
„Израел нè информираше дека верува дека оваа акција била неопходна за нивна самоодбрана“, додаде тој.