По објавувањето на пресудата за случајот „Монструм“ во кој тројца од обвинетите добија доживотна казна затвор, еден беше осуден на 9, а еден на 15 години затворска казна, додека Сами Љута беше ослободен од обвинението, стигнаа реакциите и од најблиските на сега веќе осудените лица.
Имено, братот на Фејзи Азири, Бедри Ајдари, повика на повторни протести поради казните кои беа изречени во Кривичниот суд.
Тој по објавување на пресудата рече дека е објавена војна и тие ќе се борат со сите средства. Според него, пресудата е без докази и по нарачка на обвинителката Фатиме Фетаи.
„Јас не можам да влијаам на судот, а се утврди дека судечкиот совет донесе одлука по нарачка на обвинителката Фатиме Фетаи. Јас немам друго средство, освен да најавам протести. Ги повикувам челниците на државата да дојдат на протестите и да протестираат, како што ние протестиравме, но не за да ја тргнеме една гарнитура на луѓе за да дојде друга, туку за да се регулира правниот систем. Тоа не се случи. Барам од политичките партии, кои се патерици на Владата, кои го поддржуваат чинот и ова што се направи денес, да се дистанцираат од оваа одлука и да протестираат заедно со нас. Ние ќе протестираме в петок, со сите расположливи средства. Ова е еден вид објавување војна. Се случи индикретно. Ние ќе се бориме. Какви ни се средствата така ќе дејствуваме“, истакна Ајдари.