Платформата за граѓански политики АЈДЕ, во сите поголеми градови на Македонија денеска постави штандови каде што ќе се собираат потписи за поддршка на иницијативата за оспорување на законските одедби со кои им се наметнува обврска на хонорарците да плаќаат придонеси.
Во Скопје, штандот е поставен пред Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и во ГЕМ клубот во Стара чаршија, а штандови има и во Битола, Кратово, Крива Паланка, Дебар, Тетово, Штип, Прилеп, Струга, Делчево, Струмица, Куманово, Берово, Кавадарци и во Кичево. Потписите ќе се собираат во наредните две недели, од 9 до 16 часот.
Истовремено, Платформата за граѓанска политика, како неформална, но организирана група слободоумни поединци кои се стремат да ја вратат моќта за носење политички одлуки во рацете на граѓаните, целосно ја поздравува и ја поддржува иницијативата за референдум во општина Центар, за задржување на постојниот и автентичен изглед на Градскиот Трговски Центар – Скопје (ГТЦ).
Референдумот претставува најавтентична форма на граѓанска демократија и можност да ги обедини сите граѓани кои се поделени по различни основи, овозможувајќи им заеднички да одлучуваат за важни прашања од интерес на заедницата.
АЈДЕ! смета дека оваа иницијатива е важен момент за македонската демократија и јавно повикува на поддршка од сите граѓани и организации кои ги делат демократските вредности.
Истовремено, испраќаме апел до сооветниците на општина Центар да ја поддржат иницијативата за референдум и со тоа да им овозможат на граѓаните да ги реализираат нивните со устав загарантирани права
