Народните пратеници да престанат да си играат со судбината на работниците, апелираат од Синдикатот за текстил и кожарство при ССМ. Ако петиот пакет мерки не се донесе до крајот на неделава, предупредуваат дека на принуден одмор ќе бидат пуштени тројно повеќе текстилни работници.
„Нечовечки е во услови на пандемија, Парламентот да си игра со судбината на илјадници работници кои чекаат плата за февруари и март, а сега сме април. Народните пратеници испаднаа ненародни луѓе и не знам со каков образ ќе бараат поддршка на следните избори од работниците кои ги оставија без две плати и егзистенција”, вели за „Локално“ Љупчо Радевски претседател на текстилниот синдикат.
Над 6.000 текстилни работници од вчера се на колективен одмор, а половината од нив се од Штип. Од Организацијата на работодавачи рекоа дека морале да донесат ваква одлука, поради тоа што пратениците во Парламентот не го гласаат петиот економски пакет мерки но и заради неизвесноста во ЕУ по воведениот локдаун од Ковид-19.
„Два месеца никој не ги праша работниците дали имаат пари дома да однесат леб, да ги платат давачките кон државата, да се лекуваат и што се не за еден скромен живот”, револтирано реагира Радевски.
Кога би се работело за платите на пратениците, додава тој, тие во еден ден би ја спровеле целата постапка и тоа со кворум од 120 пратеници. „Ова е жално и недопустливо за една демократска држава, апликант за ЕУ”.
Во ситуација на недонесување на мерките со кој треба на фирмите да им се помогне да ги исплатат своите работници или со задолжување во банка да го премостат овој период, работодавачите, според Радевски, го прават единственото што можат за да ги задржат работните места. Државната помош треба да ги спаси работните места до втората половина на годинава кога се очекува враќање на нарачките од странските партнери и континуирана работа на текстилните погони.
Во надеж дека ветените пари ќе легнат на нивните сметки, голем дел од работодавачите се најдоа во незавидна состојба, купувале репроматеријали, земале кредити и враќале долгови. Доколу мерките не се изгласаат во парламентот и пратениците останат на своите ставови, не се исклучува можноста и останатите текстилни компании да ги пуштат работниците дома. Тогаш од компаниите први ќе си заминат работниците кои имаат договори на определено време а потоа ќе следи и прогласување технолошки вишок.
На катастрофалната состојба во текстилната индустрија пред две недели алармираше претседателот на ОРМ Ангел Димитров. Тој тогаш предупреди дека ако петиот пакет мерки не се донесе, клуч на врата ќе стават 20 % од текстилните фирми.Бројките говорат дека февруарска плата не им е исплатена на 16.888 вработени.
К.В.С.