АКО ГЕРМАНИЈА ГИ СУСПЕНДИРА ЗАКОНИТЕ НА ЕУ, ТОА БИ БИЛО КАКО АТОМСКА БОМБА: Може ли Германија да ги врати мигрантите од границата?

од Vladimir Zorba
53 прегледи

Демохристијаните на Германија (ЦДУ) бараат владата на канцеларот Олаф Шолц веднаш да ги врати мигрантите од границата, пред тие да влезат и да побараат азил од властите. Дали ова е воопшто изводливо? Австрискиот експерт за миграција Гералд Кнаус смета дека не е така, пренесува германската новинска агенција (dpa).

„Можете да ги запрете луѓето на границата, но не можете само да ги вратите назад доколку сакаат да бараат азил“, изјави Кнаус за утринската програма на телевизијата ZDF, повикувајќи се на законите на Европската унија.

Ако Германија го „суспендира правото на ЕУ, тоа би било како атомска бомба“, предупреди Кнаус. „Сите веднаш би го направиле истото“, додава тој.

Канцеларот Олаф Шолц минатата недела формираше работна група, со претставник на опозициската ЦДУ, за да подготви мерки со кои Германија може да ја запре нерегуларната имиграција и да ја забрза депортацијата на оние кои го изгубиле правото на престој.

Кнаус оцени дека ЕУ со сегашната реформа не го подобрила системот за азил бидејќи не го променила т.н. Даблински договор. Според договорот, земјата-членка во која тие влегле во ЕУ е одговорна за проверка на потенцијалните баратели на азил.

„Тој систем не функционираше од самиот почеток“, рече Кнаус.

Според него, наместо да се фокусира на придвижување на нерегуларната имиграција меѓу земјите-членки, ЕУ треба да го потисне нивниот прилив.

Кнаус се осврна и на барањето на ЦДУ Германија да ги префрли проверките за азил во центри во трети земји, односно надвор од ЕУ. „Тоа веќе беше направено во последната деценија, со Турција во 2016 година“, рече тој.

Инаку, Кнаус е еден од архитектите на договорот со кој Турција доби милијарди од ЕУ за да ги запре мигрантите на пат кон Европа, да го провери нивното барање за заштита и практично да ја преземе улогата на земја на влез.

Така, оние кои добија азил во Турција го загубија правото да го бараат во ЕУ, а бројот на нерегуларните имигранти драстично се намали за само три месеци.

Слични содржини