Ако Груевски навистина бил спремен да прифати се, зошто со месеци се чекаше договор за избори?

од Vladimir Zorba
93 прегледи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вчера предвреме излезе од лидерската средба и, како што пишуваа куририте, „самоуверено“ соопшти дека тој нема проблеми и е спремен да прифати се, само од СДСМ да немале изговори за дополнително одложување на изборите.

Сепак, се поставува прашање дали ова навистина е така, односно дали Груевски е толку самоуверен колку што го претставуваат куририте и дали навистина нема проблем со условите под кои би се одржале изборите?

Груевски ја даде оваа изјава на 6 недели по договорот кој го постигнаа партиите на 20 јули, а во кој беа одредени условите кои требаше да бидат исполнети за да се оди на избори во декември – за прочистување на Избирачкиот список, реформите во делот на медиумите (Ад-хок телото, методологијата на АВМУ и уредник на МТВ) и техничката влада.

Наспроти тврдењето на Груевски дека ВМРО-ДПМНЕ е флексибилна и нема проблем со условите, сепак меѓупартиските преговори кои претходеа на овој договор траеја повеќе од еден месец, токму поради проблемите кои ВМРО-ДПМНЕ ги имаше со условите од договорот.

Токму во времето додека траеја преговорите, власта направи измени во Законот за внатрешни работи, со кои практично на министерот му ги одзеде сите ингеренции, а Чавков именуваше носители на управни позиции во МВР за истражители за да не може да бидат променети од новиот министер од редовите на опозицијата.

Наеднаш и ова стана дел од преговорите за на крај да биде договорено дека – „примената на Законот за внатрешни работи ќе биде суспендирана до јануари 2017 година, а законот ќе го ограничи бројот на именувани раководители во Министерството за внатрешни работи на 15. Сите именувања на истражители на обвинителството дадени на носителите на управните позиции во Министерството за внатрешни работи ќе бидат поништени, а нови нема да им бидат назначени до крајот на изборниот процес“.

 грујо

Груевски, кој вели дека нема никакви проблеми и прифаќа се, во овие преговори имаше проблем и со бројот на промени кои може да ги направи министерот за внатрешни работи предложен од опозицијата, па со договорот беше предвидено дека тој ќе може да направи именувања и хоризонтални трансфери на вработени, ако се најмногу 10% од просечниот број на хоризонтални трансфери во годините 2013 и 2014.

Друг проблем, кој сега Груевски го негира е и проблемот кој го создадоа во врска со министрите и дополнителните заменици назначени по предлог на СДСМ, па согласно постигнатиот договор, нивниот мандат завршува со завршувањето на изборите, односно на денот кога ДИК ќе ги потврди официјалните резултати, и истиот го преземаат замениците (од сегашната владејачка коалиција), до формирање на новата влада.

Јавноста се сеќава и на сите опструкции на минатогодишниот договор од Пржино направени од страна на Груевски, кој сега тврди дека прифаќа се и дека е самоуверен дека ќе ги добие изборите под било кои услови, кои кулуминираа со аболициите на претседателот Иванов.

Дополнително, како што објави Лајм, Груевски не ја напуштил вчерашната лидерска средба бидејќи навистина бил спремен да потпише се што ќе договараат другите партии, како што тврдеше самиот, туку поради тоа што интересот на ВМРО-ДПМНЕ го ставил во сигурни раце – кај Али Ахмети.

-Со излегувањето од средбата и со глумењето ладнокрвност и спремноста божем да прифати се што ќе договараат СДСМ, ДУИ и ДПА, Груевски направи маркетиншки трик, бидејки претходно го потковал добро Ахмети како да ги брани интересите на ВМРО-ДПМНЕ, и да блокира евентуалните решенија неприфатливи за ВМРО – тврдат партиски извори за весникот.